Војната во Украина, која беше забавена со месеци, повторно избувна пред доаѓањето на зимата. Конфликтот влегува во непредвидлива фаза, наведува CNN во новата анализа.
„Ова сега е трета, четврта, можеби петта различна војна што ја гледаме во Украина“, изјави за Си-Ен-Ен – Кир Гилс, консултант во лондонскиот тинк-тенк „Чатам хаус“ задолжен за Русија и Евроазија, пренесува Индекс.хр.
Минатонеделниот масивен руски ракетен напад беше проследен со постојано напредување на Украина, но и со огромна експлозија на мостот на Крим, единствениот копнеен премин што ги поврзува Русија и Крим, полуостров што Русија го анектираше во 2014 година. Експлозијата на мостот на Крим беше значаен психолошки и стратешки удар за Русија, наведува Си-Ен-Ен.
Со приближувањето на студените, зимски месеци кои би можеле целосно да ги забават копнените битки, експертите велат дека следните неколку недели од војната ќе бидат критични.
„Едно време, се чинеше дека секој исход што може да се опише како победа на Украина ќе биде многу пресилен. Таквиот исход сега изгледа многу поверодостоен. Одговорот на Русија веројатно ќе биде нова ескалација“ – смета Гилс.
Да потсетиме, Русија во четвртокот соопшти дека ќе помогне да се евакуираат жителите на окупираниот Херсон во екот на украинската контраофанзива во тој регион.
Имено, успехот на украинската контраофанзива, како на истокот, така и на југот на земјата, успешно ја отфрли идејата дека Украина можеби ќе може да се одбрани, но не може да ги ослободи окупираните територии.
„Русите сега се надеваат дека ќе избегнат колапс на фронтот пред да пристигне зимата“, изјави за Си-Ен-Ен – Самир Пури, истражувач во Меѓународниот институт за стратешки студии и автор на книгата „Патот на Русија кон војната со Украина“.
„Ако успеат да го видат Божиќ и бојното поле сега да изгледа вака, тоа ќе биде огромен успех за Русите со оглед на сè што успеаја да уништат од февруари“ – смета Пури.