Висока делегација од МВР предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска при работната посета во Женева, во Седиштето на Meѓународната организација за миграција (ИОМ) оствари работна средба со Антонио Виторино, Генералниот директор на ИОМ.
Спасовски во оваа прилика упати благодарност до Виторино, како и до претставниците на Меѓународната организација за миграции кои директно се присутни на македонско-грчката граница, во Привремениот центар за мигранти каде што учествуваат во спроведување на секојдневни активности, обезбедувајќи поддршка и помош на мигрантите, а во текот на пандемијата и со обезбедување на потребната заштитна опрема и се во постојана комуникација и координација со претставници на граничната полиција присутни на локално ниво, како и со претставници на нашето Министерство на повисоко ниво.
Спасовски информираше дека во моментов оценките се дека безбедносната состојба на државните граници е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период. Од тие причини, особено внимание се посветува на раното откривање и спречување на обидите за илегално минување на државната граница, спречување на криумчарењето на мигранти, сузбивање на криминални групи кои вршат криумчарење, идентификација на потенцијални жртви на трговија со луѓе и ранливи категории на лица меѓу мигрантите.
„Очигледно дека за справување со зголеменото движење, не се доволни само национални мерки, туку продолжување и натамошно зајакнување на заедничкиот пристап на засегнатите земји кој ќе вклучува оперативна соработка, поддршка во јакнењето на националните капацитети, но и соработка со земјите на потекло. Во таа насока меѓу нашите главни приоритети е продлабочување и оддржувањето на меѓународната соработка – со земјите од регионот, со земјите на транзит и потекло, со агенциите на ЕУ (во прв ред Frontex, Europol, EASO), на Обединетите Нации (IOM, UNHCR) како и релевантни меѓународни организации (OSCE, ICMPD, DCAF)“ – потенцираше Спасовски.