Во Стразбур се одржува редовната сесија на парламентарното собрание на Советот на Европа, за нас исклучително значајна сесија затоа што на оваа сесија ќе се разговара за европската перспектива на Западниот Балкан од којшто дел е и Македонија, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„Во рамки на овој извештај особено ќе ја потенцирам улогата на Македонија, како фактор на демократија и стабилност во целиот регион, но исто така ќе кажам дека Македонија долги години чека да ги почне преговорите за членство со ЕУ. Тоа е неправедно затоа што најпрво Грција ја блокираше Македонија со своето вето да ги почне преговорите, а сега тоа го прави Бугарија. Бугарија го прави на најлош можен начин, оспорувајќи го македонскиот национален идентитет, македонската засебност, култура и историја, како и самобитноста и постоењето на македонскиот јазик. Тоа не се европски вредности, тоа не се вредности коишто се делат во Советот на Европа и во ЕУ. Тоа не се вредности коишто се признати во Стразбур и во Брисел“, вели Николоски.
И затоа, како што додава тој, многу е значајно, целокупната Европа да застане зад Македонија и да поддржи почеток на преговори со ЕУ без никакви дополнителни условувања од страна на Бугарија.
„Промената на Уставот што ја бара Бугарија и на којашто, за жал, се согласи капитулантската Влада на СДСМ и ДУИ е директно задирање во внатрешните работи на Македонија и не смее да е услов за почеток на преговори со ЕУ. Секако тука остануваат и борбата со организираниот криминал и корупција и воведувањето на функционален систем на владеење на правото. За жал, корупцијата е највисока од постоењето на независна Македонија со оваа Влада на СДСМ и ДУИ. Нема сектор каде што нема корупција. За жал, економијата тоне, а корупцијата цвета во Македонија“, нагласи Николоски.
Во рамки на оваа сесија обраќања ќе имаат бројни и значајни гости, тука се пред сè претседателите на Швајцарската конфедерација, на Ирската Република и претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Ќе се разговара за војната агресија што Русија ја прави врз Украина и за состојбите со европските интеграции на Западниот Балкан. Очекувам плодна сесија на којашто ќе направам сè да ги одбранам интересите на Македонија“, заврши Николоски.