Ирански дипломати во Тирана утрово запалија документи пред да ја напуштат земјата, бидејќи Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран, обвинувајќи ја земјата за сајбер напад во јули, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Еден сведок изјавил за Ројтерс дека видел човек од амбасадата како фрла хартии во зарѓано буре, а пламенот ги осветлувал ѕидовите на трикатната амбасада.
Во ретко видео обраќање во средата, албанскиот премиер Еди Рама рече дека им наредил на иранските дипломати и персоналот да ја затворат амбасадата и да ја напуштат земјата во рок од 24 часа, јавуваат медиумите.
Рама рекол дека сајбер нападот во јули „се заканува да ги парализира јавните услуги, да ги избрише дигиталните системи и да ги хакира владините записи, да ги украде електронските комуникации од владиниот интранет и да предизвика хаос и несигурност во земјата“.
Техеран силно ја осуди одлуката на Тирана да ги прекине дипломатските врски, нарекувајќи ги причините на Албанија за овој потег „неосновани тврдења“.
Неколку дена по сајбер нападот, медиумите од Тирана објавија дека хакерите ги објавиле личните податоци на опозиционерите кои биле зачувани во државните компјутери на Албанија, како лични, социјални и безбедносни броеви, имиња и фотографии.