Утрински Весник
Македонија

Костадиновска-Стојчевска: Отворањето на македонскиот КИЦ во Белград уште повеќе ќе ја засили културната соработка со Србија

Костадиновска-Стојчевска: Отворањето на македонскиот КИЦ во Белград уште повеќе ќе ја засили културната соработка со Србија

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и српската министерка и вицепремиерка Маја Гојковиќ, во Белград, на маргините на Самитот „Отворен Балкан“, ја потпишаа Програмата за соработка меѓу Министерството за култура на Македонија и Министерството за култура и информирање на Србија за периодот од 2022 до 2025 година.

dobivaj vesti na viber

„Програмата е континуитет на одличната соработка во областа на културата што ја негуваат двете земји, на институционално и на вонинституционално ниво. Програмата се усовршува и се збогатува со секоја нова верзија уште од Спогодбата од 1997 година што ја потпишале двете земји во областа на образованието, културата и спортот“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Двете министерки се согласни дека на овој начин се постигнуваат силни резултати во развивањето и продлабочувањето на меѓусебното разбирање, добрососедството, пријателските односи и довербата во културата.

„Програмата обезбедува подобри услови за натамошно зацврстување на културната соработка во сите сфери на уметноста. Таа ја олеснува работата на заеднички проекти меѓу националните институции и меѓу други организации во областа на културата и уметноста, меѓу уметниците и експертите од двете земји.

Она што е најактуелно за двете култури е што е донесена Одлука за отворање Културно-информативен центар на Северна Македонија во Белград, со најава дека и Србија ќе отвори КИЦ во нашата земја. Тој простор и таа институција, убедена сум, ќе биде ново средиште за стари и за нови пријателства на уметници од сите генерации и области на двете земји. Културно-информативните центри негуваат незаменлива практика за зближување и размена, која се предвидува и со Програмата, во издавачката, визуелната и ликовната дејност, во музичко-сценската област, во филмот“, вели Костадиновска-Стојчевска.

Особен акцент во овој документ се става и на соработката во архивската, библиотечната и музејската дејност, како и во заштитата на нематеријално културно наследство, преку обезбедување поддршка за традиционалните културни активности, фестивали и саеми поврзани со традиционалната музика, занаетчиството и други елементи на нематеријалното културно наследство на двете земји.

Костадиновска-Стојчевска ја истакнува важноста на соработката во заштитата на културното наследство, во спречувањето на противзаконскиот увоз, извоз и пренос на правото на сопственост над културните добра, во согласност со нормите на меѓународното правo.

„Ние продолжуваме заедно да ги надоградуваме заедничките политики на меѓународен план во регионалните, европските и меѓународните организации, како: УНЕСКО, ЕУ, Советот на Европа, Советот на министри на Југоисточна Европа, каде што заедно ги зацврстуваме своите позиции, разменуваме искуства и експерти со цел поефикасна интеграција во европските процеси, осовременување и побрзо воведување на новите техники и дигитализацијата“, вели Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска беше дел од владината делегација на Самитот „Отворен Балкан“ во Белград.

Можете да прочитате

Со правосудните закони Србија се оддалечува од ЕУ, ќе го следи Скопје Белград наместо Брисел?

ЛДП: Вицепремиере, не е исто членство во ЕУ со членството во Шенген зоната

Од утре почнува сезоната за спортски риболов на водите во НП „Маврово“