Утрински Весник
Свет

ЕУ постигна договор за штедење на гасот

Земјите на Европската унија денеска ја усвоија конечната, ублажена верзија на вонредниот план за намалување на потрошувачката на гас по низа компромиси и исклучоци за одделни членки и во очекување на дополнителни намалувања на снабдувањето со овој извор на енергија од Русија.

dobivaj vesti na viber

Европа се соочува со дополнителен притисок на гасот оваа недела откако руски Гаспром рече дека уште еднаш ќе го намали протокот кон Европа преку гасоводот Северен тек 1 на само една петтина од нејзиниот капацитет.

„Тоа не беше невозможна мисија! Министрите за енергетика на 27-те земји-членки собрани во Брисел успеаја да постигнат политички договор за намалување на побарувачката на гас за претстојната зима“, објави чешкото претседателство на Твитер, пренесува АФП.

Со оглед на тоа што десетина земји од ЕУ веќе се соочуваат со намалени испораки од Русија, Брисел предупреди дека е веројатно целосно намалување на снабдувањето и ги повикува земјите да се подготват со заштеда на гас и складирање за зимата.

ЕУ стравува дека прекинот на испораките на гас од Русија е многу веројатен и дека Москва ќе го стори тоа како одмазда за санкциите кои Западот и’ ги воведе на Русија поради војната во Украина.

Министрите за енергетика го усвоија предлогот сите членки на ЕУ доброволно да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто од август до март.

Иако целта е доброволна, Комисијата би можела да ја направи обврзувачка во случај на криза со снабдување, но постојат исклучоци за голем број земји и индустрии. Германскиот министер за енергетика Роберт Хабек рече дека овој договор ќе му покаже на претседателот Владимир Путин дека Европа се’ уште е обединета.

„Нема да не поделите“, рече Хабек.

Унгарија беше единствената земја која се спротивстави на планот, според двајца европски претставници.

Обврски со исклучоци

Сепак, планот се соочи со отпор од голем број влади пред неговото прифаќање, а членовите го преработија за да вклучи исклучоци за голем број земји и индустрии.

Некои предупредија дека благите правила значат ризик дека државите нема да можат да заштедат доволно гас за зимата. Додека владите, вклучително и Германија, најголемиот корисник на гас во Европа, ги зајакнаа своите мерки за заштеда на енергија, земјите од ЕУ ја намалија комбинираната употреба на гас за само 5 отсто, и покрај повеќемесечните поскапувања и намалените резерви на Русија.

Според ревидираниот предлог, земјите како Ирска и Малта, кои не се поврзани со гасните мрежи на ЕУ, ќе бидат изземени од обврзувачката цел. Земјите кои извезуваат гас во други и оние со речиси целосно складирање на гас би можеле да имаат поблаги цели, а индустриите како хемикалиите и челикот би можеле да бидат изземени.

Планот ја тестираше солидарноста на ЕУ, при што некои држави велат дека наметнувањето ист процент на намалувања за сите земји е неправедно. Меѓу критичарите се Шпанија, која не се потпира на рускиот гас, и Грција, која вели дека би можела да се справи со прекинот на руското снабдување.

Полски официјален претставник рече дека земјата ќе се спротивстави на какви било правила што би можеле да им дозволат на другите членки на ЕУ да ги користат полските резерви на гас. Руски Гаспром ги наведе проблемите со турбината како објаснување за последното намалување на испораките на гас, но европскиот комесар за енергија Кадри Симсон тврди дека потегот е „политички мотивиран“.

Пред инвазијата на Украина на крајот на февруари, Русија испорачуваше 40 отсто од гасот на ЕУ.

Можете да прочитате

Трамп: САД ќе им помогнат на Полска и балтичките држави во случај на руски напад

Макрон: Ослободувањето на заложниците на Хамас е услов за отворање француска амбасада во Палестина

Трамп, Венс и 100 илјади луѓе ќе присуствуваат на комеморацијата за Чарли Кирк