Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Ние сме подготвени за ЕУ, следува напорна и посветена работа на реформи

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва организираше прием по повод отпочнување на преговорите на Македонија со Европската Унија. На средбата на која беше присутен државно-владиниот врв, пратениците, амбасадорите на земјите членки на ЕУ, политички чинители, претставници на граѓанското општество, на медиумите и стопанственици, премиерот Ковачевски се обрати пред присутните.

dobivaj vesti na viber

„Конечно, после 17 години, се отвора процесот за прием на Северна Македонија во големото европско семејство. Вчера, отворивме ново поглавје во македонската историја. Европско поглавје кое ќе донесе забрзан развој, просперитет и стабилност. Овој пат не беше лесен, и за тоа сите сме свесни, и затоа, искрено ви се заблагодарувам на сите вам, за несебичниот ангажман, заложба и поддршка и ве охрабрувам да останете исто така ангажирани и во наредниот период. Вашата поддршка ќе е од непроценливо значење и понатаму, особено што сега треба да ги вклучиме сите расположливи капацитети и да работиме исклучително посветено за да можеме да ја имаме најбрзата можна интеграција во Европската Унија“, нагласи во обраќањето Ковачевски.

„Имавме многу предизвици, но како што кажав и вчера, ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, и да не останеме заложници на минатото. Решивме да бидеме одлучни, храбри, мудри и несебични, да не мислиме на нас, туку на идните поколенија, да мислиме на нашата држава и на мирот, безбедноста, стабилноста и иднината. За мене највисока форма на патриотизмот е носењето државнички и прогресивни одлуки, имајќи притоа јасна визија и план за иднината, и искрена заложба за просперитет на државата и на сите граѓани. Тоа е најчистата и најискрена форма на почит и љубов кон татковината“, истакна премиерот.

Појасни дека водени од тој принцип на патриотско и државничко однесување, ја имаме донесено и конечната одлуката со која, како што вели, „обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, и посебност, а воедно обезбедивме и почеток на преговорите“.

„Ве уверувам, а и тоа го потврдија на повеќе наврати и високите претставници на Европската Унија и тука дома кај нас, но и вчера во Брисел, дека нашите позиции се зачувани и потврдени. Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите, идентитетски, историски и културни особености. Бевме јасни и гласни, дека за овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара.
Нашиот идентитет, не само што ќе биде заштитен, истиот и ќе се збогати и ќе го збогати комплексниот Европски идентитет, како и што во својот говор вчера истакна и високиот преставник Борел. Она што нѐ дефинира нас, нашите особености, специфики, традиција, култура, обичаи ќе бидат автентично наши, македонски, но споделени со сите наши пријатели во Европската Унија. Тоа е она што и нас и Европската Унија ќе нѐ направи побогати“, додаде Ковачевски.

Оцени дека вчерашниот ден беше историски.

„Вчера, пред 27 земји членки, опкружен со поддршка од нашите европски пријатели, ја имав огромната чест, во име на граѓаните, да зборувам на мојот мајчин македонски јазик во Советот на Европската Унија и да ја искажам нашата јасна и цврста сегашна позиција, но и нашата визија за иднината. Нашата земја е Европа во мало. Доаѓа периодот на напорна работа“, нагласи премиерот.

Според него, сега е времето кога треба да застанеме заедно, обединети, полни оптимизам и верба за подобро утре, за да можеме да ги здружиме силите и заеднички да се посветиме на развивање силна, успешна и просперитетна европска држава.

Можете да прочитате

Вработени во Министерството за економија си носат вентилатори од дома, климата не е во функција

Уставниот судија Осман Кадриу смета дека кандидатите за Стразбур ги исполнуваат условите

МВР: Не е точно дека полицаец нема да биде избркан од работа ако е осуден