Утрински Весник
Македонија

Семинар на Работната група за остеосинтеза (АО) во Скопје

На 4 јуни во просториите на хотелот Александар Палас во Скопје, првпат во Република Северна Македонија се одржа меѓународен семинар за хирурзи-трауматолози и ортопеди според програмата на меѓународната АО фондација, под наслов АО Траума – “Интраоперативен имиџинг”. Семинарот за интраоперативен имиџинг односно техники на интраоперативно радиолошко прикажување е нов едукативен настан во програмата на АО фондацијата, а досега, во светот се одржани само дваесет вакви настани. Во регијата на југоисточна Европа ова е трет ваков настан. Претседавачи на курсот беа професор д-р Игор Кафтанџиев од Клиниката за трауматологија при Медицинскиот факултет во Скопје и д-р Јохен Франке од Траума центарот во Лудвигсхафен – Германија. На курсот се одржаа предавања од страна на реномирани хирурзи и предавачи од Германија, Хрватска и Северна Македонија. Учесници на курсот беа млади хирурзи и специјализанти по трауматологија и ортопедија од земјата кои имаа можност да проследат серија предавања, интерактивни дискусии и вежби за интраоперативното радиолошко прикажување на повредите на скелетот.

На крајот заклучок на сите учесници беше високата оценка за организацијата на курсот и квалитетот на спроведената едукација. Веројатно најважна придобивка од настанот е можноста сето тоа да се спроведе во секојдневната пракса со што ќе се допринесе да се подигне и квалитетот на оперативните интервенции поврзани со фиксација на скршениците.

Одржувањето едукативни настани според програмата на АО фондацијата во нашата држава веќе станува традиција. Имено, во 2017 година беше одржан првиот семинар во нашата земја во кој учествуваа предавачи од 6 држави, а учесници од 3 држави и истиот беше посветен на повредите на горниот екстремитет. Истовремено со одржувањето на првиот семинар, беше формиран и македонскиот огранок на АО фондацијата, а за претседател беше избран професор д-р Игор Кафтанџиев. Со тоа нашата земја стана вистински дел од глобалното семејство на АО Интернационалната Фондацијата. Тоа е непрофитна организација формирана во 1958 година со седиште во Давос, Швајцарија, предводена од интернационална група хирурзи од областа на траума и ортопедија која во тек на последните децении ги дефинира стандардите во лекувањето на повредените. Основа активност на фондацијата е одржувањето на едукативни настани, семинари и курсеви на кои хирурзите ги учат најсовремените принципи во лекувањето на повредите на мускуло-скелетниот систем, преку унифицирана програма за едукација во која преку предавања, дискусии во мали групи и вежби на модели на коски со употреба на вистински инструменти и импланти се врши едукација и обука на хирурзи, трауматолози и ортопеди на различно ниво на нивните знаења и вештини.

Со влегувањето на АО Траума Македонија како равноправен член во ова глобална асоцијација се отворија и бројни можности за едукација на младите хирурзи од нашата држава во странство, со учество на семинари и курсеви, како и стипендии за посета на реномирани болници во други држави.

За октомври оваа година е предвиден уште еден настан (според генералната агенда на АО Траума Европа), одржување на курс за Напредни принципи на лекувањето на скршениците.

Одржувањето на овие меѓународни настани во Северна Македонија е резултат на повеќегодишна соработка на македонските трауматолози со АО фондацијата, но и подршката од дистрибутерот на програмата на DePuy Synthes за Република Северна Македонија. На крај би требало да се истакне дека овој настан беше во комплетна финансијска организација на АО Траума Европа и огранокот на АО Траума за Р. Северна Македонија и беше бесплатен за учесниците. Тоа само ги потврдува заложбите и настојувањата на овие чинители за унапредување на едукацијата на трауматолозите и ортопедите од земјаава.

Можете да прочитате

Обид за силување на 30-годишна жена под закана

Скопјанка ограбена на Бит Пазар, насилно и било одземено ланче

Ниту еден албански министер во Владата не присуствуваше на приемот на Вучевиќ