Утрински Весник
Спорт

Канаѓаните штрајкуваат, не го одиграа натпреварот со Панама

Подготвителниот натпревар на Канада за Светското првенство во Катар против Панама не се одигра поради штрајкот на канадските репрезентативци. Тие го одржаа ветувањето дека нема да играат натпревари додека не биде решен спорот со Федерацијата за распределбата на премиеите по изборениот пласман на планетарното првенство.

Канадските фудбалери предводени од капитенот Милан Борјан не сакаа да тренираат во петок и сабота, а потоа одбија да го одиграат натпреварот против Панама.

Канадската репрезентација со месеци чека на договор за распределба на парите заработени со пласманот на Светското првенство во Катар.

Се вели дека канадската федерација заработила 10 милиони долари, на играчите федерацијата им понудила 10 отсто од таа сума. Сепак, тие бараат најмалку 40 отсто од сумата што би била поделена на 33 играчи во зависност од бројот на одиграни натпревари.

Фудбалерите бараат и исти бонуси да добие и женската репрезентација.

„Во март започнавме разговори за договор со Федерацијата. Поради тоа што лидерите ги одложија преговорите и отидоа на одмор, преговарачкиот процес непотребно се продолжи. Затоа, иако неволно, решивме да не го играме нашиот натпревар против Панама“, изјавија репрезентативците.

Следниот натпревар Канада треба да го одигра во четврток против Куракао во Ванкувер, а потоа на 13.јуни во Хондурас е закажан дуел од Лигата на нации во КОНКАКАФ.

> Канаѓаните штрајкуваат, не го одиграа натпреварот со Панама <

Можете да прочитате

РК Вардар ги пушти во продажба билетите за мечот со Порто

Барселона казнета со 500.000 евра поради лажни финансиски извештаи

Од почетокот на сезоната блеска во Србија и порачува: Сакам да заиграм за Македонија!