Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека единствен начин за да докажат дали анкетите се точни е да одат на избори.
Мицкоски го повика Димитар Ковачевски и СДСМ да се охрабрат и да седнат на маса за да договорат датум за предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе можат да одлучат.
„Единствен начин тоа да се покаже и докаже, дали се измислени или не се, е да одиме на избори. Нека се охрабрат и нека го охрабрат Ковачевски да седнеме на маса и да договориме датум за предвремени парламентарни избори. Тоа е единствениот начин да видиме дали анкетите се лажни или не се лажни. Нема друг начин“, истакна претседателот Мицкоски.
Единствен начин за да докажеме и покажеме дали е тоа така е да одиме на избори. Тогаш народот ќе си каже дали тие се добрите и нас нè чека пораз или, пак, работата е сосема поинаква. Само да не биде како по локалните избори да прават математики и гимнастики, додаде тој.