Почна снимањето на филмот „Живи и здрави“ по сценарио и во режија на Иван Мариновиќ, а во ко-продукција со македонскиот „Круг Филм“.
Во филмот ќе игра и македонскиот актер Никола Ристановски, а автор на оригинална музика е нашиот музичар и композитор Тони Китановски.
Оваа фарсична комедија ќе биде реализирана во копродукција на Црна Гора, Србија, Чешка, Хрватска, Северна Македонија и Словенија, а ќе се снима на локации во Црна Гора.
„Два дена пред свадбата невестата вели дека нема да го направи тоа. Дури и ако сè е подготвено и сите знаат за тоа. Лесо, немилосрдниот патријарх на семејството на младоженецот, ѝ го нуди ова на бунтовната невеста: направете ја свадбата, одглумете ја, а потоа следниот ден одете каде што сакате. Таа прифаќа. Навредениот младоженец сè уште се надева дека ќе остане…“, е накусо приказната на овој филм.
Во филмот покрај Ристановски, играат и Тијана Лазовиќ, Горан Славиќ, Момчило Пиќуриќ, Горан Богдан, Сњежана Шишков Синовчиќ, Дејан Ѓоновиќ, Мирјана Јоковиќ и Драгана Дабовиќ.
Филмот се снима во продукција на Марија Стојановиќ и Иван Мариновиќ од црногорскиот „Јадрански вестерн“ во копродукција со Марија Стојановиќ од српската „Сенс продукција“, Вероника Кухрова и Михал Крачмер од чешки „Аналог визија“, Анкица Јуриќ-Тилиќ од хрватската „Кинорама“, Дејан Крајчевски од македонскиот „Круг филм“ и Јожко Рутар и „Словенечки Спок филм“.
Проектот е поддржан од Филмскиот центар на Црна Гора, Филмскиот центар Србија, Чешкиот филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC), Агенцијата за филм на Северна Македонија, Словенечкиот филмски центар, Creative Europe MEDIA, SeeCinema Network, Eurimages, Порто Нови , Туристичката организација на Херцег Нови и општина Херцег Нови.
Снимањето ќе се одвива 33 дена, односно ќе заврши на 23 мај, а ќе се одвива на локации во Црна Гора, во градовите Херцег Нови и Игало, како и на полуостровот Луштица.
Ова е втор филм на Мариновиќ. Неговиот дебитантски филм „Црната игла“ беше реализиран во 2016 година.
Текстот Почна снимањето на филмот „Живи и здрави“ во режија на Иван Мариновиќ, а во ко-продукција со Македонија е превземен од МАКФАКС.