Утрински Весник
Македонија

Османи – Нуланд: На 2. јуни во Вашингтон ќе го потврдиме силното сојузништво

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Маракеш оствари средба со Викторија Нуланд, потсекретар за политички прашања во Стејт департментот, на маргините на министерскиот состанок на Глобалната коалиција за борба против ИСИС.

Како што информираат од ресорното министерство, во фокусот на разговорите било претстојното одржување на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, на 2. јуни, во Вашингтон.

Од МНР воедно потсетуваат дека Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што одржува стратешки дијалог со САД.

„Стратешкиот дијалог претставува потврда за силното сојузништво меѓу двете земји и надградување на долгогодишното стратешко партнерство. Воедно, тоа е израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот, кој претставува составен дел на евро-атлантската заедница”, истакнал Османи.

Министерот на средбата изразил и благодарност за недвосмислената американска поддршка за нашите евроинтегративни процеси.

„Политиката на проширување на ЕУ е безбедносно прашање и оттука членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за европската безбедност“, нагласил Османи притоа истакнувајќи ја и потребата од зајакнато присуство на САД на нашите простори како гаранција за регионалната стабилност.

Можете да прочитате

ЦУК: Активни пожарите кај селата Русиново и Никуштак, четири ставени под контрола

Стопанската комора активно на терен по избувнување на пожарот во фабриката во Виница

18 лица со повреди од пожарот во „Макпрогрес“ примени во Болницата во Кочани