Денес во 13 часот, на Саемот на книгата во промотивниот центар во салата „Борис Трајковски, гостинка ќе биде познатата турска писателка Ѓулшах Еликбанк. Ќе биде промовирана и нејзината книга „Во заседите на Медуза“, во издание на „Бата прес“. Делото од турски на македонски го преведе Афаф Елмради, а објавувањето беше поддржано од Министерството за култура и туризам на Република Турција.
Приказната „Во заседите на Медуза“, во која четворицата млади авантуристи, Џем, Гизем, Ајше и Мерт, според мапата, трагајќи по изгубеното богатство, се наоѓаат себе си во Подземниот музеј, некогашен резервоар за вода изграден од царот Јустинијан. Во овој историски богат музеј во центарот на Цариград, тие се среќаваат со голем број на митски ликови, скулптури кои оживуваат, во свет полн со магија и фантазија. Подземниот свет е исто така полн и со љубомора, омраза и бркотница. Четворицата млади авантуристи ќе успеат да донесат мир во овој подземен свет.
„Децата прво ги бараат овие херои во своите семејства, но не секое дете има среќа да најде такви херои во семејството“, вели авторката Ѓулшах Еликбанк во интервјуто за весникот Вечер. „Тогаш во игра влегуваат приказните и бајките. За умот на детето многу е важно да се чувствува и да размислува како херој, и да сака да го предизвика светот добивајќи сила од него. И знаете, децата учат повеќе со гледање, отколку со зборови. Со други зборови, кај него има вистинско влијание не тоа кога му велите да биде добар човек, туку кога со своето однесување му покажувате како да биде добар човек. Ова го прават и хероите во романот
Ѓулшах Еликбанк е родена во 1980 година во Истанбул. Дипломирала на Универзитетот за комуникации во Истанбул. Постдипломските студии ги завршила на Катедрата за управување и заштита на трудова психологија при Универзитетот во Мармара. Ѓулшах Еликбанк (1980, Истанбул) е авторка и на делата: „Црн здив“, „Сината планина“ и „Црвената смрт“ во рамките на трилогијата „Поглед од денот“ од областа на фантастиката, како и на романите „Сенката на љубовта“, „Непроспиените“ „Лажговците и љубовниците“…
Пред доаѓањето во Скопје авторката Еликбанк имаше видео обраќање за македонските читатели.
Текстот Промоција на книгата „Во заседите на медуза“ од Ѓулшах Еликбанк е превземен од МАКФАКС.