Утрински Весник
Македонија

Џафери се сретна со Зеленски: Денеска сум Украинец, онемен сум и бесен

И покрај тоа што сум војник и покрај свежите сеќавања од војните на Балканот, онемен сум и бесен, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери, при средбата со украинскиот државен врв, меѓу кои беа и претседателот, Володомир Зеленски и првиот човек на Врховната Рада, Руслан Стефанчук.

Џафери на состанокот посочи дека е растревожен од бројот на гробови чии леи не ги догледува човековото око, иако, како што кажа, видел само дел во Буча и Ирпин.

„Бесен сум на човештвото што дозволи да сме неми сведоци на војна за која што верувавме дека е дел од историјата. Бесен сум што светот нема доволно силен глас да ѝ каже стоп на оваа безумна инвазија. Во чест на загубените животи се обврзуваме да ви помогнеме и внимателно да слушаме како одново ќе го изградите разрушеното“, нагласи претседателот на македонското Собрание.

Џафери лично се обврза за што поскоро усвојување на одлуки за помош и поддршка на Украина.

Тој зборуваше и за мерките кои Северна Македонија ги презела против, како што рече, руската агресија во Украина, нагласувајќи дека државата ја поддржала Одлуката за суспендирање на Русија од Советот на Европа и се приклучила кон сите рестриктивни мерки и санкции на Европската унија кон Руската Федерација, иако не е членка на ЕУ.

„Овој акт на агресија уште еднаш потврди колку е значајно проширувањето на Европската унија за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европа. Благодарност до сите борци за слобода во Украина што во воени услови ни овозможија безбедно да допатуваме во Украина и што го делат лебот со нас“, посочи Џафери на средбата на која нагласи дека денеска се почувствувал како Украинец.

Можете да прочитате

ДЗС: Под целосна контрола пожарот во близина на Скопскиот аквадукт

Локализиран пожарот што избувна во местото Аквадукт

Јавниот сектор спорадично користи вештачка интелигенција, наставниците есенва ќе почнат со подготовка за проектот „Школи на 21 век“