Утрински Весник
Култура

Отворен Македонскиот павилјон на уметноста во Венеција со „Пејзажно искуство“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска

Отворен Македонскиот павилјон на уметноста во Венеција со „Пејзажно искуство“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска

Во објектот „Скуола деи Ланери“, во присуство на многубројни гости, денеска во Венеција свечено беше презентиран официјалниот претставник на Република Северна Македонија на 59. издание на Венециското биенале за ликовна уметност, проектот „Пејзажно искуство“ (Landscape Experience) од Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска.

На претставувањето на проектот се обратија министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на Националната галерија на Северна Македонија, Дита Старова-Ќерими.

Осврнувајќи се на темата на годинашното Биенале, министерката Костдиновска-Стојчевска посочи дека проектот „Пејзажно искуство“ не е бегство од реалноста.

„Толку е реално што за миг ви доаѓа да побегнете. Но, бидејќи љубителите на уметноста секогаш одат во спротивна насока, драго ми е што сме на вистинското место, но во едно неизвесно време.

Шлемови, арсен, пеливани… војни, еколошки катастрофи и таа вечна борба меѓу доброто и злото. Можеби доволна асоцијација на Украина, на Ковид-19, на опстанок“, посочи министерката.

Директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, во своето обраќање истакна дека овој проект претставува осмо учество на Националната галерија како официјален организатор од нашата земја на Биеналето во Венеција, што претставува гордост, но, секако, и одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори кои со своите автохтони визуелни ракописи се во сооднос со светските актуелни тематики.

Таа, појаснувајќи ја концепцијата на проектот, истакна дека преку естетиката на магичните пејзажни креации на еден прекрасен, напуштен и еколошки катастрофално уништен геополитички регион, претставена е токсичноста и разорната моќ на привидната надреална убавина врз здравјето на целиот жив свет.

„Авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска и во своите досегашни проекти ја разгледуваат и ја обработуваат ‘естетиката’ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставајќи ги во нов контекст и постојано барајќи нови слоеви на читање на диспозитивите живот – смрт, убаво – грдо, опојно – отровно“, рече Старова-Ќерими, која е и комесар на проектот.

Куратори се Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија на РС Македонија, и Сања Којиќ Младенов, кустос советник во Музејот на современата уметност во Нови Сад, Србија и кустос на проектот „Евровизија“ (Evrovizion) во Одделението за визуелна уметност на ИФА Штутгарт.

Педесет и деветтото издание на Венециското биенале на уметноста ќе се одржува од 23 април до 27 ноември, а куратор е Сесилија Алемани.

Текстот Отворен Македонскиот павилјон на уметноста во Венеција со „Пејзажно искуство“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“