Утрински Весник
Македонија

(Видео) Пендаровски-Левиц: Северна Македонија припаѓа на Европската Унија

(Видео) Пендаровски-Левиц: Северна Македонија припаѓа на Европската Унија

Претседателот Стево Пендаровски со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Република Латвија, Егилс Левиц кој престојува во официјална посета на акедонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу претседателот Пендаровски и претседателот Левиц, се одржа пленарен состанок на официјалните делегации на Северна Македонија и Латвија, по што двајцата претседатели одржаа заедничка прес-конференција.

„ Латвија е една од земјите членки на Унијата што одамна ја препозна нашата подготвеност, посветеност, па и пожртвуваност за остварување на стратешката цел – членството во ЕУ. Вие и латвиското политичко раководство апсолутно разбирате дека мирот и безбедноста во Европа се во директна корелација, помеѓу останатото, и со одлуките на Унијата за нејзиното проширување.

Во тој контекст, би сакал да ви се заблагодарам и за искреното залагање за динамизирање на политиката на проширување со сите земји од Западниот Балкан. Вашето искуство и како земја и како регион, е аргумент плус за отпочнување на пристапните преговори како прилог во динамизирање на реформскиот процес во нашите општества. Исто така, вашата подготвеност за споделување на сопствените искуства од евроинтегративниот процес е од големо значење за нас“ му рече Пендаровски на Левиц.

Тој истакна дека на средбата разговарале и за руската агресија во Украина.

„ За жал, спротивно на сите меѓународни норми, руската војска веќе два месеци демонстрира сила, убивајќи цивили и уништувајќи цели градови во Украина. Северна Македонија и Латвија, освен осуда на руската воена инвазија, се приклучија и кон целосниот пакет на санкции на ЕУ кон Русија. Во овој контекст, преку солидарност и заеднички напори со сојузниците, придонесуваме за создавање предуслови за прекин на војната, повторно воспоставување на мир и безбедност на нашиот континент и амортизирање на огромната хуманитарна и бегалска криза“ додаде Пендаровски.

Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните состојби во регионот. Балканот и Балтикот, и покрај географската дистанца, имаат голем потенцијал за доближување по многу линии, пред сѐ во економската, трговската, културната и дигиталната сфера, рече македонскиот претседател.

„ Убеден сум дека со вложување на дополнителни напори, со асистенција на Брисел можеме да ги пресликаме успесите што евроатлантската интеграција ги стимулираше на Балтикот и тамошната позитивна трансформација која за нас претставува инспирација. Се потврди искрената поддршка на Латвија во однос на македонското место во Обединета Европа“ заклучи Пендарвоски.

Можете да прочитате

Затворен за сообраќај експресниот пат Прилеп-Градско

УЈП: Затворени четири субјекти, 30 отсто од контролираните се со неправилности за фискализација

Министерство за финансии како штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Димитриеска-Кочоска прими и промовира кандидат за градоначалник во кабинетот