Независниот Театар „Златен Елец“, во понеделник, 7 март, со почеток од 20 часот, на Малата сцена во Македонскиот народен театар ќе ја прикаже премиерата на претставата „Грета“, според текстови на Луц Хибнер и Јохан Волфганг Гете.
Режисер на претставата е Тамара Стојаноска, играат актерите Ане Блажовски и Димитрина Мицкоска, музиката ја направи Лука Тошев, а вокалите се на Дина Јашари. Дизајнот е на Бојана Цилевска, а продуцент е актерот Бобан Алексоски.
„Со ‘Грета’ раскажуваме приказна за театарот, за создавањето на театарски светови, за пробата и процесот, за актерите како душата на театарот, за односите на театарските уметници во еден процес. Ситуациите и ликовите што се претставени се модели земени од театарскиот свет, ликови кои што на сите театарџии ќе им бидат многу блиски и познати, а за оние кои не се во оваа професија, ова ќе биде како ѕиркање во една театарска приказна која што преку комедијата ќе води низ процесот на создавањето на една претстава.
Сите ликови се обични луѓе со различни погледи, методи, принципи и поинаква љубов кон театарот и животот воопшто. Низ претставата се прикажани осум различни концепти за култната сцена со кутијата на Грета од ‘Фауст’ и двајца актери кои што ќе зборуваат за својата професија, за магичните, но и за оние тешки моменти со кој се судира секој театарски уметник.
Театарот постоел илјадници години и ќе продолжи да постои и покрај тешкото време во кое се наоѓа, бидејќи ова е повеќе од професија, ова е начин на живот, чудна моментална магија на сцена која што не се повторува исто двапати“, вели режисерката.
Претставата финансиски ја помогнале од „Виталиа“, а креативниот тим посебна благодарност упатува и до МНТ, Арс Ламина и Анастасија Ласовска.
Текстот Независниот театар „Златен Елец“ со премиера на Малата сцена во МНТ е превземен од МАКФАКС.