Утрински Весник
Економија

Ковачевски со Рено-Басо: Продолжува поддршката од ЕБОР за Македонија

Ковачевски со Рено-Басо: Продолжува поддршката од ЕБОР за  Македонија

Премиерот, Димитар Ковачевски, заедно со заменик-претседателот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска во Лондон оствари средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо, во рамките на Инвестицискиот самит за Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски како исклучително позитивна ја оцени соработката со Европската банка за обнова и развој, со која Македонија е партнер речиси 30 години и во која од 1993 година и до денес банката има одобрено суштински проекти во јавниот и приватниот сектор кои се од огромно значење за животот на граѓаните.

На средбата беше нагласено дека потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Владата на Северна Македонија и ЕБОР во ноември 2020 година, претставува значаен чекор напред во рамките на нашата соработка, со што се препознава процесот на пристапување на земјата во Европската Унија преку комбинација на инвестиции и техничка помош.

Напредокот на Северна Македонија во европските интеграции беше видливо поддржан од ЕБОР, рече премиерот Ковачевски и потенцираше дека од посебно значење е поддршката на ЕБОР во наредниот период во инвестициите поврзани со природен гас и учеството на банката во прекуграничната гасна интерконекција со Грција, Косово и Србија, како и цевководи за пренос на природен гас за магистралните гасни коридори Св. Николе-Велес и Гостивар-Кичево.

Ковачевски на средбата ја поздрави одлуката на ЕБОР од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан за кофинансирање на источниот дел на железничкиот Коридор 8, последна делница Крива Паланка – граница со Бугарија. Овој проект е еден од најголемите приоритети на Владата, рече Ковачевски, имајќи предвид дека е клучен дел од неодамнешните разговори со бугарската страна, односно е стратешки проект на кој активно работи билатералната работна група во транспортниот сектор.

Ковачевски ја запозна претседателката на ЕБОР Рено – Басо со Планот за стратешки инвестиции 2021 – 2027 кој има за цел да го поттикне долгорочното закрепнување, насочено кон клучни продуктивни инвестиции и одржлива инфраструктура, особено во областите на зелена и дигитална транзиција, конкурентност на приватниот сектор, зајакнување на иновациите и развој на основните социјални сектори, како и за зајакнување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

Претседателката на ЕБОР Одил Рено – Басо ја поздрави лидерската улога што Северна Македонија ја има во регионалната соработка и додаде дека поврзувањето на земјите од Западен Балкан е од витално значење за економските перспективи и политичката стабилност на регионот.

Можете да прочитате

Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2026 година

Употребата на дигиталните канали за плаќања на граѓаните бележи раст и во првиот квартал од 2026 година

И Здравје и работа: Повиците на активистите за меѓународна арбитража за „Иловица – Штука“ се неодговорни – цената ќе ја платиме сите