Утрински Весник
Македонија

Галески: ЈП Градски паркинг била киднапирана институција од страна на лица од власта

Галески: ЈП Градски паркинг била киднапирана институција од страна на лица од власта

Информациите говорат за големи злоупотреби во ова јавно претпријатие и од тоа не смеат да бидат амнестирани ниту еден од учесниците во овие предмети и би рекол скандал и за ова мора да се говори јавно, вели Галески советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на советот на Град Скопје.

Во однос на финансиската состојба на јавното претпријатие Градски паркинг, тој посочи дека и покрај субвенциите од 37 милиони денари доделени од Град Скопје, истото е со долг кон градот од 33 милиони денари што покажува злоупотреба на институцијата и создавање на паралелен систем, односно како што рече тој и додека сите други граѓани плаќале за услуга која што ја добиваат пратеници, бизнисмени, министри и политичари од власта не плаќале.

„Финансиската ситуација на претпријатието говори дека градот Скопје на ова претпријатие има доделено 37 милиони денари субвенции, а епилогот на работата од ова е 33 милиони денари долг кон Град Скопје на ова претпријатие. Како се креираат долговите видовме во јавноста, имиња на пратеници, бизнисмени, министри и политичари од власта кои што практично го злоупотребувале системот и создале паралелен систем и додека сите други граѓани плаќале за услуга која што ја добиваат овие луѓе не плаќале“, рече тој.

Галески смета дека втора причина за лошата финансиска состојба се и вработувањата во претпријатието, додавајќи дека на списокот кој што го добил од свиркачи може да се забележат имиња на роднини и лица блиски до власта кои што практично ја киднапирале институцијата.

„И зошто се креираа долгови втората причина е овој список кој што го држам во рака кој што ми е даден од свиркач каде што може да се прочитаат имиња на вработени, роднини на луѓе кои што се од власта и кои што практично ја киднапирале самата институција. Ќе го прочитам главниот критериум за вработување во оваа институција. Едниот вработен е член на претседателството на една политичка партија, таму е вработена и неговата сопруга, едно од лицата кое што беше често споменувано од јавност доби и унапредување, сега е директор на друга државна институција под надлежност на централната власт. Во ова киднапирано претпријатие има и внука на основачот на една политичка партија на власт, има роднина на претседател на една политичка партија која што е на власт, исто така неговата сестра е таму вработено. Исто така има вработено една роднина на генерален секретар на една политичка партија која што е на власт, кумашин на политички лидери од власта, кумови итн“, потенцираше Галески.

Ова според него говори дека оваа институција била силно киднапирана и сега се дава одговор зошто има таква финансиска состојба каква што има. „Значи не е само паралелниот систем кој што бил воведен а преку кои што биле злоупотребувани финансиите на претпријатието, туку и самото претпријатие било киднапирано“, нагласи Галески.

Можете да прочитате

Сопственик на угостителски објект во Куманово уценуван од поранешна вработена со помош на друго лице

Државниот архив одбележува 75 години од основањето

Уапсени две лица поради бегство од затвор, претходно осудени поради „тешка кражба“