Утрински Весник
Македонија

(Видео) Лазаревска: ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира законот за платите во образование туку да дадат оставки за „Титаник“

(Видео) Лазаревска: ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира законот за платите во образование туку да дадат оставки за „Титаник“

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи на штета на граѓаните, не се грижи за нивните интереси и благосостојба и единствено што сака е со политички манипулации да заработи ситни партиски поени, изјави пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска.

Таа ги обвини пратениците на ВМРО-ДПМНЕ цела година го блокираат донесувањето на предлог Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и со тоа, како што нагласи, директно го оневозможија покачувањето на нивните плати и трансформацијата на работниот однос на над 4.700 наставници и стручни работници.

„ Откако цела година оневозможуваше сите наставници и стручни работници во основното и средното образование да добијат повисока плата и насилно и со празни процедурални забелешки ја кочеше собраниската процедура сега ВМРО-ДПМНЕ без трошка срам признава дека предложеното законско решение е добро и исто такво доставува во собраниска процедура.

За жал, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивното однесување и над 4.700 наставници и стручни соработници кои со години посветено работат на образованието и воспитувањето на нашите деца ги етикетираше како партиски послушници. Ова е уште еден доказ за лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија ниту мисли на граѓаните, ниту сака тие да имаат повисоки плати, ниту се грижи за нивниот животен стандард, а најмалку пак се грижи за квалитетно образование на децата“ рече Лазаревска.

Таа додаде дека граѓаните ги препознаваат проѕирните игри на ВМРО-ДПМНЕ и точно знаат дека политиките на оваа партија не носат ништо добро за нашата земја и за нашите граѓани.

„ СДСМ со конкретни политики и решенија го подобри стандардот на граѓаните, за 100 проценти ја покачи минималната плата, а работи и на покачување на платите во сите сектори. Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и Законот за наставниците и стручните соработници во основните и во средните училишта, предложен од Владата, со кој се покачува платата на наставниците и на стручните соработници и со кој се трансформира нивниот работен однос ќе биде изгласан“ посочи Лазаревска.

Ја повика опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да престане со, како што го нарече, неодговорното постапување и да се откаже од блокадите на ова, но и на други законски решенија кои носат придобивки за граѓаните.

Можете да прочитате

Македонија има двојно помалку пожарникари од законски предвидените, не постои тренинг центар, возилата се стари по 50 години

Владата ќе дава отчет за првата година од мандатот

МВР: Левица имаат за цел да ја дезинформираат јавноста