Утрински Весник
Свет

„Конвој на слободата“ ќе има и во Европа, камионџии доаѓаат во Париз иако властите забранија

„Конвој на слободата“ ќе има и во Европа, камионџии доаѓаат во Париз иако властите забранија

Камионџискиот револт против задолжителните вакцини полека се шири и надвор од Канада. Иако засега е далеку помал од оној во Канада, француските камионџии лансираа свој „Конвој на слободата“, а првиот дел од него денеска треба да пристигне во Париз од југот на земјата.

Организаторите најавија дека од вечерва ќе го блокираат Париз, барајќи прекин на сите форми на задолжителна вакцинација и сертификати за Ковид-19. Конвој од околу 200 демонстранти во средата наутро тргна од Ница за Париз, пренесува француската BFMTV.

Меѓутоа, властите во Париз и Брисел веќе забранија протести, односно блокади во градовите кои бунтовните камионџии планираат да ги блокираат по примерот на нивните колеги во Канада.

„Ќе бидат воведени посебни мерки за спречување на блокади на патиштата, како и казнување и приведување на прекршителите на оваа забрана“, се вели во соопштението на париската полиција.

Мерките треба да траат од денеска до понеделник, а се воведуваат поради ризик од нарушување на јавниот ред и мир што може да произлезе од овој собир, објаснуваат од полицијата.

„Организаторот на забранетите демонстрации може да биде казнет со казна затвор до шест месеци и 7.500 евра“, предупреди париската полиција, додавајќи дека се предвидени казни и за учесниците.

Градоначалникот на Брисел, Филип Клос, исто така, во четвртокот забрани влез на конвој во белгиската престолнина, јавува Си-ен-ен.

Клос рече дека градот, во соработка со белгискиот министер за внатрешни работи и премиерот на регионот на главниот град на Брисел, одлучил да го одбие влезот на конвојот во градот бидејќи немало пријава за протестот.

Можете да прочитате

Автобус излетал од патот во Турција: над 30 лица се повредени

„Гугл“ веќе не забранува користење ВИ за развој на оружје

Администрацијата на Трамп го става персоналот на УСАИД на „административно отсуство“