Италијанскиот парламент го започна процесот за избор на нов шеф на државата, а меѓу неколкуте истакнати кандидати фаворит е актуелниот премиер Марио Драги, но не се очекува победа во првиот круг, пренесуваат светските агенции.
На денот кога започна изборниот процес, лидерите на десничарската партија Лига и на Демократската партија (од левиот центар) се сретнаа и објавија дека „започнале дијалог“.
Матео Славини од Лига и лидерот на ДП, Енрико Лета се сретнаа во парламентот кога започна првиот круг на гласање за човекот кој треба да го наследи претседателот Серџо Матарела.
„Двајцата лидери работат на исти опции и утре повторно ќе се сретнат“, се вели во заедничката изјава на двете партии, во која се наведува дека средбата била „срдечна“, пренесе „Ројтерс“.
Не се очекува овој понеделник да донесе победник бидејќи водечките партии најавија дека нивните пратеници ќе фрлаат празни гласачки ливчиња во кутијата.
И претходно се сметаше дека е невозможно да се избере наследник на првиот ден од гласањето.
За избор потребни се две третини од гласовите на 1.009 електори – но партиите од левиот и десниот центар не се согласија за името на заедничкиот кандидат.
Дури по четвртиот круг на гласање, кој треба да се одржи во четврток, апсолутното мнозинство ќе биде доволно за победа.
По одлуката на поранешниот премиер Силвио Берлускони да се повлече од трката, се интензивираа преговорите меѓу партиските лидери за пронаоѓање кандидат.
Меѓу оние кои се сметаат за можни кандидати се поранешниот претседател на Долниот дом на парламентот Пјер Фердинандо Касини, поранешниот премиер Џулијано Амато и претседателката на Сенатот Марија Елизабета Алберти Каселати.
Матарела одби да прифати уште еден мандат, но некои политичари предлагаат да се побара од него да продолжи, а Драги да остане премиер до следните италијански избори на почетокот на 2023 година.