По тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, позитивен на Ковид-19, без маска го ширел вирусот на Водици во Охрид, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова – Бухова објасни дека тој не се тестирал на 19 јануари.
Имено, според опозициската партија, тој официјално бил позитивен на корона од 20 јануари, што би значело дека требало да се тестира на 19 јануари, за да добие позитивен тест ден подоцна.
„Зечевиќ не е во системот на тестирани лица на 19 јануари. Законот е јасен и важи за сите“, вели директорката Сотирова-Бухова.
Секретарот Зечевиќ, неколкупати досега јавно кажа дека се тестирал на 20 јануари, по прославата на Водици во Охрид.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, побараа институциите да постапат за однесувањето на Зечевиќ, a на Бухова ѝ порачаа да се однесува како што прилега на позицијата која ја држи и да го покаже резултатот од тестирањето на Зечевиќ. Од партијата воедно повикуваат случајот да не се затскрива, со како што велат, фингиран случај против градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Тој се тестирал за Ковид-19 за да оди на зимување и без да се самоизолира додека го чека резултатот, како што пропишува Уредбата од 2020 година која сè уште е на сила, излегол на прославата на Водици, одел в црква и имал низа состаноци, а попладнето ги добил резултатите во кои стоело дека е позитивен на Ковид-19.
Следниот ден, направил уште еден тест во истата лабораторија и резултатот бил негативен па затоа барал да му се укине одредената изолација по позитивниот тест.
Државниот санитарен инспекторат соопшти дека градоначалникот не смеел да шета откако се тестирал туку требало да се самоизолира додека го добие резултатот, а по резултатот добил и решение за изолација, кое како што самиот изјави, го почитувал.
МВР го разгледува случајот со градоначалникот за да се утврди каква казна му следува.