Утрински Весник
Македонија

Гинекологија Чаир доби Ургентен центар по европски стандарди

Гинекологија Чаир доби Ургентен центар по европски стандарди

Во ГАК во Чаир пуштен во употреба е целосно реновираниот Ургентен центар опремен по сите европски стандарди.

Во денешната посета на болницата, министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека во изминатите четири години во болницата се направени многу значајни инвестиции врз основа на, како што рече, добро направениот план кој ги опфаќа инвестициите од страна на Министерството за здравство, како и поддршката од страна на донаторите – Агенцијата ТИКА, Проект ХОПЕ и компанијата Алма М.

„Сега можеме слободно да кажеме дека во болницата во Чаир се целосно реновирани операционите сали, делот за интензивна нега, современ мониторинг за жените коишто се породуваат, целосно реновирани амбуланти со нова опрема и зголемување на степенот на квалитет којшто се дава во интензивната нега на новородените таканаречен втор-а степен со којшто се подигна нивото на опременост на оваа болница. Болницата е целосно гасифицирана, ги нема веќе оние црни чадови коишто го загадуваа воздухот тука во Скопје“, изјави министерот.

Во болницата ГАК во Чаир се раѓаат близу 4.000 деца годишно, а Филипче посочи дека во изминатите 4 години постигнати се значајни резултати и процентот на преживување на предвремено родените бебиња значајно се зголемил.

„Смртноста во 2016 година која беше 25%, сега е 8,9%. Ова е резултат на инвестицијата во изминатите години во третманот на родилките и на бебињата. Ние сме единствена земја во светот којашто има значајно намалување на вкупната смртност на предвреме родените бебиња и во споредба со 2016 година истата е преполовена“, заклучи министерот.

Можете да прочитате

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер

Меџити тоа што не може да го блокира, го узурпира, реагира Ирена Витина