После 25 години од последниот Шести конгрес за словенска археологија одржан во Велики Новгород, минатата недела, од 4 до 10 октомври 2021, во Нови Сад во Србија се одржа Меѓународната археолошка конференција „Словените и нивните соседи во 1 милениум н.е.“.
На конференцијата свое учество зедоа над 100 археолози од 17 различни држави, кои ги претставија своите истражувања, сознанија и размислувања во врска со културата на древните Словени и на нивните соседни народи.
Македонски претставници на конференцијата беа професорот Никос Чаусидис од Филозофскиот факултет во Скопје, и Игор Ефтимовски, докторанд на Филозофскиот факултет во Скопје. Тие го претставија своето истражување: „Словенски многуглави идоли – распространетост, генеза и значење“, во кое го разгледаа религискиот феномен на многуглави идоли кај Словените во контекст на поширокиот културен ареал на Евроазија.
Домаќин на конференцијата беше Музејот на Војводина од Нови Сад, а коорганизатори беа Музејот Ермитаж од Санкт Петербург, Центарот за балтичка и скандинавска археологија од Шлезвиг, Институтот за археологија при Руската академија на науките од Москва, Институтот за археологија при Чешката академија на науките од Прага, Лајбниц институтот за историјата и културата на Источна Европа од Лајпциг и Народниот Музеј од Белград.
Текстот Најновите археолошки истражувања за древните Словени претставени во Нови Сад е превземен од МАКФАКС.