Утрински Весник
Македонија

Шилегов: За четири години Скопје ќе биде град без инфраструктурни проблеми

Шилегов: За четири години Скопје ќе биде град без инфраструктурни проблеми

Вчеравечер во паркот Ибни Пајко започна победничкиот карван на СДСМ и официјалното претставување пред граѓаните на кандидатот и актуелен градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов. Пред насобраните граѓани, покрај Шилегов, се претставија кандидатите за советници, а говор одржа и претседателот на Владата, Зоран Заев,

„Во Скопје 4 булевари се граделе истовремено само два пати, после земјотресот и денес. АСНОМ, Босна и Херцеговина, Никола Карев и Христијан Тодоровски Карпош денес се реалност која никој не може да ја избрише. Минатата година реконструиравме и градевме вкупно 21 улица. Ја нарековме Градежна офанзива бидејќи на толку сообраќајници во една сезона се работело повторно само 2 пати, по земјотресот и денес. Денес во Скопје за прв пат после повеќе децении се градат два нови мостови истовремено“, појасни Шилегов на настанот.

Според него, видливи се заложбите на градската администрација во изминатите 4 години, со бројни активности поврзани со заштитата на животната средина, подобрување на инфраструктурата и создавање на функционален и хуман главен град.

„Граѓаните паметат и се сеќаваат на едно не толку дамнешно време, пред не повеќе од 5 години, кога главна политика на тогашното градско раководство беа фонтани, споменици, криминал и непродуктивни трошења. Сега, сликата за главниот град е сосема различна“, рече Шилегов.

Во обраќање кон кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, Шилегов порача дека Скопје не смее и нема да биде уште еден експеримент на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што Скопје не е сопственост на ниедна партија туку на граѓаните и ги повика сите негови противкандидати да не ги потценуваат граѓаните.

Покрај останатите проекти кои градот ги сработи изминатите 4 години, за следниот мандат се издвојува пробивањето на булеварот Македонија (Јужен Булевар), кој како ултрамодерна подземна сообраќајница, завршува со модерен кружен тек кај Нова Македонија. Наскоро ќе биде завршен и булеварот Словенија, кој ќе води до Волково и Ново Село, а ќе биде поврзан и со мостот на Љубљанска. Во центарот на градот се изведува и една од најголемите пешачки зони во Европа, која ќе се протега од Собранието до Т.Ц. Палома Бјанка и од Старата железничка станица до Бит пазар, најави Шилегов.

„Затоа драги мои, во следните 4 години ќе го заокружиме целосно процесот на решавање на сообраќајниот хаос во градот. Во првиот мандат започнавме храбро а во следниот ќе завршиме и ќе го решиме проблемот за следните 50 години!“, рече Шилегов.

Можете да прочитате

Дали ДУИ ќе бара пребројување на гласовите на секој приговор со новиот законик?

На „Табановце“ за излез од државава се чека околу 30 минути, а на „Богородица“ 40 минути

Независните кандидати наместо од еден , треба да соберат потписи од 0,95 проценти од запишаните избирачи во ИЕ, за решението ќе се гласа денес во Собрание