Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска се согласија на состанокот во германскиот град Вајмар да дефинираат заеднички пристап кон белорускиот претседател Александар Лукашенко.
„Ситуацијата во Белорусија останува срам во срцето на Европа“, рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, обвинувајќи го белорускиот претседател дека користел репресија за да ја смири земјата, пренесуваат светските агенции.
„Нема да го почитуваме ова мирно“, рече Мас на состанокот одржан по повод 30-годишнината од Вајмарскиот триаголник, форум за промовирање на соработката меѓу трите земји. Мас ги критикуваше и заканите на Лукашенко дека ќе дозволи голем број бегалци да преминат од Белорусија во ЕУ.
Полска, Литванија и Летонија го обвинуваат Лукашенко дека го сторил тоа намерно како одговор на санкциите на Европската Унија. Полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау, ги повика трите земји да заземат заеднички пристап.
„Во светло на кризата, важно е да покажеме солидарност“, рече тој. Полска со непријатност ја следи ситуацијата во Белорусија и напорите на Лукашенко да ја централизира власта“, додаде тој.
Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ле Дриан, исто така, ја истакна потребата за соработка.
Групата, именувана по германскиот град Вајмар, е основана во 1991 година, кога првпат се сретнаа министрите за надворешни работи на трите земји, две години по падот на Берлинскиот ѕид. Нивната цел во тоа време беше да ја зајакнат соработката, но првичниот ентузијазам опадна со текот на годините, особено во светлина на влошените односи меѓу Полска и Европската Унија.