Со изложбата „Азбука“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски на Широк сокак во Битола утре се затвора 17. издание на Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“.
„Изложбата ја посветувам на нашиот великан Конески. Блаже Конески е и А и Ш во нашето современо живеење. Тој ги постави темелите на современата македонска азбука. Беше близок и со моите родители. И татко ми Петре и мајка ми Светлана Христова-Јоциќ соработуваа со него, бидејќи и двајцата го љубеа зборот и јазикот наш македонски, но и Блаже човекот. Изложбата ја нареков ‘Азбука’. Целта е да ја разбудам јавноста за значењето на македонската кирилична азбука и нашиот јазик, особено сега, кога секојдневно е оспоруван. Ова ќе биде мојата поддршка за славење на името и делото на научникот, творецот и создателот на нашето современо писмо Блаже Конески, во годината кога се одбележува 100-годишнината од неговото раѓање. Изложбата е циклус од 31 слика – секоја буква има своја приказна, свој свет. Меѓу другото, имајќи ја предвид состојбата со пандемијата, замислата ми е овој циклус да го претставам и на отворено. Односно, на отворено ќе бидат посетителите, случајни или намерни, а сликите ќе бидат изложени во излозите низ целиот битолски Широк сокак. Верувам дека ова ќе биде многу оригинално и атрактивно претставување, своевидно изненадување за јавноста“, изјави Сергеј Андреевски
Свеченото отворање е закажано в петок, 27 август, со почеток во 19 часот.
Оваа година Меѓународната колонија „Де Ниро“ беше домаќин на ликовни уметници од Германија, Саудиска Арабија, Црна Гора, Србија, Грција и Македонија, а покрај главната програма, дел од колонијата беа и меморијалната изложба на Миливоје Новаковиќ – Кањош, изложбата на Панде Петровски, поетско-музичкиот перформанс на Пијан Славеј и Славчо Јовев…
Текстот Со изложбата „Азбука“ на Широк сокак се затвора 17. издание на Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ е превземен од МАКФАКС.