Кина повторно ги критикуваше Соединетите Американски Држави за, како што тврди, политизирање на истрагата за потеклото на коронавирусот, барајќи да се испита една американска воена лабораторија.
Ваквата критика доаѓа непосредно пред објавувањето на Извештајот на американската разузнавачка заедница за вирусот, чија цел е да ги елиминира несогласувањата што постојат меѓу разузнавачките агенции, кои имаат различни теории за потеклото на коронавирусот, вклучително и теоријата за можен инцидент во кинеска лабораторија.
„Кина не може да ги прикрие грешките на САД“, рече Фу Конг, генерален директор на одделот за контрола на вооружувањето во кинеското Министерство за надворешни работи.
Американскиот извештај требаше да биде завршен до вчера, но ќе бидат потребни уште неколку дена за да се подготви некласифицираната верзија за јавно објавување, рече оваа недела портпаролот на Белата куќа.
Кина рече дека „истекувањето“ на вирусот од лабораторија е малку веројатно и ја исмејува теоријата дека коронавирусот избегал од лабораторијата во кинескиот град Вухан, каде што се појавија првите инфекции со Ковид-19 на крајот на 2019 година, од каде и започна пандемијата.
Наместо тоа, Кина сугерираше дека вирусот излегол во 2019 година од лабораторија во Форт Детрик, во американската сојузна држава Мериленд, пишуваат светските медиуми.
Вчера кинескиот претставник во Обединетите нации побара од раководството на Светската здравствена организација да отвори истрага во врска со американските лаборатории.
Заеднички тим на СЗО-Кина го посети Институтот за вирологија во Вухан претходно, но САД изразија загриженост за пристапот одобрен за време на истрагата.