Утрински Весник
Македонија

Почна со работа првиот Центар за поддршка на згрижувачките семејства

Почна со работа првиот Центар за поддршка на згрижувачките семејства

Започна со работа првиот Центар за поддршка на згрижувачките семејства во нашата земја. Центарот се наоѓа во просториите на поранешниот дом за деца без родителска грижа „11 Октомври“ во центарот на градот.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, изрази големо задоволство по повод неговото отворање, кое како што истакна претставува и слика како едно општество се грижи за најмладите, децата, со посебен акцент на децата без родители и родителска грижа.

„Огромна е придобивката од отворањето на Центарот за поддршка на згрижувачките семејства чија цел е да ги поддржува, да им помага и да ги насочува згрижувачките семејства да обезбедат токму онаква грижа каква што му е потребна на детето сместено кај нив. Стручниот тим од Центарот ќе им дава стручна поддршка, обука, совети и водство за згрижувачките семејства за заеднички да го остварат „најдобриот интерес на детето“, како што предвидува и налага Конвенцијата за правата на детето. Со отворањето на денешниот Центар за поддршка на згрижувачки семејства во Скопје, но и со отворањето на ист ваков центар и во Битола веќе оваа среда, испраќаме порака дека згрижувачките семејства се исклучително важен дел во системот на социјална заштита,“ рече Шахпаска.

Притоа таа ја посочи и не помалку значајна улога на Центарот за поддршка на згрижувачките семејства, промовирање на згрижувањето, односно мотивирање на што поголем број заинтересирани граѓанки и граѓани да станат згрижувачи на деца.

„Денешниот број на згрижувачки семејства во земјава е околу 300 кои згрижуваат околу 500 деца, но ние очекуваме овие бројки и понатаму да се зголемуваат, за да може секое дете кое има потреба од сместување да биде згрижено во семејна средина“, рече министерката.

Директорката на Јавната установа „11 Октомври“,Соња Стамевска, информираше дека петнаесетината нововработени стручни лица во Центарот за поддршка на згрижувачките семејства во Скопје ќе работат со повеќе од 180 згрижувачки семејства кои се грижат за околу 390 деца од Скопје, Куманово, Тетово, Велес и повеќе други градови од земјава.

Подобрувањето на системот за згрижување, вклучувајќи го отворањето на новиот центар, Министерството за труд и социјална политика ги спроведуваше во партнерство со УНИЦЕФ и со делумна финансиска помош од Амбасадата на Велика Британија во земјава.

Во текот на неделава се очекува започнувањето со работа и на вториот центар за поддршка на згрижувачките семејства во Битола.

Можете да прочитате

Коцевски му одговори на Мицкоски: Обвинител имаше вирус, но потоа одржа состаноци со полицијата

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа