Во средата, ден по свеченото отворање трпејчани и бројните љубопитни туристи се дружеа со меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски од Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид. Секулоски, преполн со за публиката непознати информации околу подводниот свет и живот во Охридското Езеро беше будно следен од присутните.
Вечерта под отворено небо беше прикажан добро познатиот документарец „Танцот на пастрмките“ и сцената која предизвика воодушевување кај публиката – бакнежот на Милутин со пастрмката. Искусниот инструктор по пливање Милутин Секулоски на интересен начин им го доближа светот на нуркањето на присутните, откривајчи многу тајни за нашето слатководно Море.
Четвртокот беше резервиран за уште еден настан сврзан со минатото на Охрид и Трпејца. Доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе и Славчо Новески од Подрачното одделение на Државниот архив ексклузивно во Трпејца презентираа делови од книгата „ Рибарски алманах“ чија официјална промоција ќе се одржи во септември.
Преку одлична видео презентација беше претставен регистарот на лиценцирани рибари во Охридското Езеро за периодот 1934 – 1941 година, единствен од таков вид во земјата..
Во Алманахот се поместени имиња на 150 рибари, од регистрираните 480 во односниот период. Во публикацијата многумина охриѓани а и трпејчани ги пронајдоа и ќе можат да ги пронајдат своите претци, па дури и да си ги најдат корените на сопствените имиња, што е своевидна традиција во Охрид, Струга и рибарските населени места долж крајбрежјето на езерото.
Вечерта беше збогатена со настапот на младите репродуктивни уметници од Охрид – средношколките Христијана Матеска – хармоника и Марија Џуклеска – виолина.
По трет пат, синоќа на Културно – забавното лето настапи Градскиот мешан хор од Охрид „Вокс Лихнидос“ со интересна програма – мешавина од хорски бисери и обработка на македонски народни песни и светски хитови. Диригент беше Бурим Хидри.
Денеска сабота од 20.30 часот публиката ќе ужива во настапот на младите Мила и Билјана познати како дуо Black moon. Вечерва планирана е и средбата со проф. д-р Мери Јосифовска која ќе говори на тема: Еден поглед на Трпејца од ономастички аспект. Концептот на летото е всушност забава и едукација на мештаните и туристите.
Во рекреативниот дел утре од – недела од 10 часот се традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и Малиот пливачки маратон помогнати од Асоцијацијата СПОРТ ЗА СИТЕ
„На зајдисонце“ утревечер ќе се вклучи во одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на големиот Блаже Конески со омажот насловен: „Поезијо чувствата ми ги будиш“ на која со избор од поезија од Конески и од други домашни светски поети ќе настапат: актерката Марија Кондовска, Симон Јаковлев – Писин и музичарот Лео Спасески – Охридски ( синтисајзер).
Десеттото јубилејно „На зајдисонце“ трае до 28 јули а е во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ под покровителство на Општина Охрид и помогнато од делагацијата на ЕУ во Скопје и брони спонзори и донатори.
Текстот Јубилејното „На зајдисонце“ со нови доживувања за учесниците и за публиката е превземен од МАКФАКС.