Утрински Весник
Македонија

Димитров за „Euronews“: Ако македонскиот јазик е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде

Димитров за „Euronews“: Ако македонскиот јазик е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде
Dik 300x250 mk

Проблематизирањето на македонскиот јазик не е во согласност со вредностите за кои се залага Европа како континент каде се негува јазичната и културната разновидност и каде што сите народи се третираат достоинствено и со почит, вели вицепремиерот, Никола Димитров, во интервју за „Euronews“ со наслов „Дали Северна Македонија ќе ги закопа идеалите на ЕУ? “.

Тој вели дека доколку  македонскиот јазик е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде. „Тогаш, ЕУ и не е тоа што сме мислеле дека е – заедница на вредности“, вели Димитров.

Осврнувајќи се на односите со Бугарија во контекст на ветото за отворање на пристапни преговори со ЕУ,  Димитров истакнува дека тоа оди на штета и на меѓусоседските односи и на кредибилитетот на Унијата.

„Тоа што Бугарија го доведува во прашање правото на земјата да го обликува својот сопствен идентитет и историја, создаде само горчина во една од најпроевропските земји на континетот. Дали проблематизирањето на македонскиот јазик е во согласност со она за што се залага Европа? Зарем Европа не треба да биде континент каде се негува јазичната и културната разновидност и каде што сите нации се третираат достоинствено и со почит? Зарем прашањето за тоа кои сте и на кој јазик зборувате не е прашање што ги засега единствено и само тие на коишто се однесува?“, вели тој.

Во таа смисла, Димитров нагласува дека отпочнувањето на преговорите е повеќе од заслужено поради пропуштеното време и преседаните на евроинтегративниот пат, но пред сѐ поради постигнатите резултати во приближување кон европските стандарди и покажаното лидерство и зрелост во решавање на проблемите.

„Изгубивме генерации во чекалната на ЕУ. Го започнавме нашиот пат кон Европа, по Словенија и пред Хрватска. И двете земји станаа членки пред неколку години, а ние сè уште се бориме да ги започнеме пристапните преговори. И, токму кога конечно го решивме прашањето со Преспанскиот договор, опкружени со меѓународни признанија и ветувања за преговори со ЕУ, пред нас се исправа уште една планина”, вели Димитров.

Сепак, тој вели дека и покрај последното разочарување, Владата останува посветена на остварување на аспирациите за членство во ЕУ и ќе продолжи активно да бара решение, но со истакнување на одредени позиции од кои нема отстапување.

„Ако постои политичка волја и лидерство во Бугарија, мислам дека можеме да најдеме европско решение кое би било добро и за македонско-бугарското пријателство, и за европското ветување кон регионот, и за Северна Македонија. Но, тука има едно „ако“, затоа што ние веќе сторивме сè што можевме. И, искрено, доколку мојот мајчин јазик, македонскиот, е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде. Тогаш, ЕУ и не е тоа што сме мислеле дека е – заедница на вредности“, вели Димитров.

Можете да прочитате

И на вториот изборен круг во недела безбедноста ќе се следи со дронови

Kумановска платила 2.000 евра за патување, но наместо билет, добила молк од скопска туристичка агенција

Виничанец нападнал полицаец со дрвен предмет во угостителски објект