Интервју со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски за 24инфо.мк.
Изминува вашиот мандат како градоначалник на општина Ѓорче Петров, кога би направиле една ретроспектива, колку сте задоволни од постигнатото?
Ја имам честа и одговорноста четврта година да ја водам општината во која сум роден, каде сум израснал и сум создал свое семејство. За задоволството од она што е направено најдобро говорат граѓаните кои сведочат на позитивната трансформација на Ѓорче Петров.
Пред четири години Ѓорче Петров беше запустена општина, во долгови, без ниту еден капитален проекти, без никакви планови за натамошен локален развој.
Уште во првите денови од мандатот се фативме во костец со проблемите, еден по еден ги решававме и презедовме сериозни чекори кои значеа конкретни проекти и планови. Да не заборавиме дека безмалку една година имавме пандемија, имавме и три изборни циклуси кои сериозно влијаеја на намалување на активностите, но и покрај тоа со задоволство можам да кажам дека Ѓорче Петров го подигнавме на едно ново повисоко ниво.
Поставивме стандарди на одговорно, домаќинско, отчетно и транспарентно управување на општината.
Колку проценти од вашата програма е реализирана?
Со многу труд успеавме да ги реализираме сите капитални проекти за кои во 2017 ја добивме довербата од граѓаните.
Општината доби нов современо и економично ЛЕД осветлување, во Волково градиме најмодерна детска градника, а во истото населено место изградивме училишна спортска сала, го реализиравме проектот Корзо за ново урбано јадро во општината, Ѓорче Петров добива нов затворен базен, во Хром решаваме децениски проблем преку изградба на ново училиште. Остана само амбулантата во Дексион но и тој проблем набрзо ќе го премостиме со поставување на нов монтажен објект, сличен на модуларните болници кои се поставија во неколку градови.
Покрај ова реализирани се и други проекти како нови водовоси и канализации, кружен тек во Волково, асфалтирање и поплочување улици, нови детски игралишта, скверови, паркинзи, паркови за миленици…околу 200 проекти кои се реализирани или се во фаза на реализација кои се потврда за успешен мандат.
Како е да се води една општина која иако е во Скопје, сепак важи за општина со доста скромен буџет?
Тоа е постојана борба, која бара многу посветеност, откажувања но и компромиси. Навистина Ѓорче Петров го има еден од најмалите буџети во Скопје, но сепак не се жалиме, туку посветени сме секој денар да го искористиме домаќински, за проекти кои носат развој, кои носат унапредување на квалитетот на живот во општината.
Сериозна поддршка добиваме од централната власт, без која многу проекти немаше да го видат светлото на денот, на што сум особено благодарен.
Јасно е дека потребите на граѓаните се бројни и разнолики, а средствата се ограничени, но затоа правиме се за што повеќе проекти да се реализираат да им се помогне на што повеќе наши сограѓани.
Едноставно, нема компромис кога се во прашање интересите на граѓаните на Ѓорче Петров.
До каде е постапката за новата општинска зграда, тој објект веќе со години стои како руина во центарот на општината.
Тоа за жал е дел од наследството на претходната локална самоуправа од ВМРО-ДПМНЕ кое ја остави општината во долгови. Ситуацијата со новата општинска зграда беше во судска постапка и во речиси безизлезна ситуација, но и тука успеавме да го откочиме процесот и трговскиот центар ќе профункционира до крајот на оваа година со што Ѓорче Петров ќе добие уште поубав лик и ќе добие бизнис центар, а зданието ќе се вклопи со Корзото како една модерна урбана целина која ќе го краси центарот на општината.
Би продолжиле ли и со втор мандат на чело на општината?
Нема поодговорна и истовремено посериозна задача од тоа да работиш за своите сограѓани за својата населба и општина и оттука, подготвен сум да му служам на Ѓорче и во следниот период.
Секако последниот збор за тоа ќе го имаат граѓаните. Како што знаете СДСМ партијата од која доаѓам прави анализи и сондажи на јавното мислење, течат консултации и со членството, по што ќе дојде одлука за кандидатот за градоначалник. Верувам дека кога анализите и истражувањата ќе завршат, партијата ќе излезе со најдобрата понуда за кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров.