Обвинета заболела од стомачен вирус, па не можела да дојде на денешното рочиште за предметот „Тендери“, каде треба да се почне со давање на завршни зборови.
Поради ова, се одложи рочиштето. Присутна во судската сала беше првообвинетата Елизабета Канческа-Милевска. Адвокатот Сашо Дуковски, бранител на Јулијана Угриновска пред судот кажа дека обвинетата има дијареа и повраќа, а треба да прави и испитувања на Клиниката за гастроентерохепатологија.
„Има стомачен вирус. Има постојана дијареа, повраќање и покачена телесна температура. Даден и е упат за на Гастроентерохепатологија за испитувања. Судија таа и денеска, не може да стане од кревет поради дијареа и повраќање. По повраќањето ќе оди на испитување. Жената лежи, не може да стане. И дадоа еден куп таблети, дали ќе биде за два дена подобро, треба да не ја зборам вистината“, рече адвокатот Дуковски.
Судијата Осман Шабани следното рочиште го закажа за два дена.
„Со оглед дека не се исполнети законските претпоставки за одржување на денешната главна расправа, судот донесе решение главната расправа да се одложи за 15 јули во 10 часот, за кога на присутните усмено им е соопштено и се уредно повикани. Бранителот на обвинетата Јулијана Угриновска се задолжува утре да достави лекарска документација за здравствената состојба на обвинетата и истовремено ја извести за закажаната главна расправа“, рече Шабани.
Во случајот „Тендери“, првообвинета е ексминистерката за култура Елизабета Канческа Милевска која уште на почетокот на судскиот процес рече дека не се чувствува виновна. Обвинети се и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова Цветковска, кои исто така негираа дека имаат вина во случајот. Сите се обвинети за злоупотреби со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“.