Министерството за здравство на Израел објави дека ефикасноста на вакцината „Фајзер“ е помала против делта-сојот на коронавирус и дека спречува само 64 проценти од заразата, додека заштитата од тешки форми на Ковид-19 останува висока.
Според податоците на министерството, ефикасноста на вакцината „Фајзер / Бионтек“ значително се намали во последните неколку недели, бидејќи се прошири поагресивниот делта-вид на коронавирусот.
Според министерството, ова е случај и со превенција на симптоматски болести, но вакцината сепак многу ефикасно штити од сериозен тек на болеста и хоспитализација, и тоа дури со 93 проценти.
Во февруари, израелското Министерство за здравство објави дека вакцината на „Фајзер“ спречува Ковид-19 со ефикасност од 95,8 проценти, симптоматска болест во 98 проценти од случаите, додека ефикасноста во однос на спречување хоспитализации и смртни случаи е 99 проценти.
Поради високата стапка на вакцинација, Израел има добри резултати во борбата против коронавирусот и иако е регистриран зголемен број на новозаразени последните две недели како резултат на силно заразниот делта-сој, не е пријавена смрт во истиот период.
Прелиминарните откритија од друга шкотска студија, објавена во списанието „Лансет“ минатиот месец, покажаа дека вакцината на „Фајзер“ обезбедува 79 процентна заштита од делта-сојот, во споредба со 92 проценти на оние предизвикани од алфа-сојот.
Истата студија која ги анализирала податоците за 5,4 милиони луѓе во Шкотска открила дека вакцината на „Астра зенека“ обезбедува 60 проценти заштита од зараза со делта-видот, во споредба со 73 проценти за претходниот доминантен алфа-сој.