Утрински Весник
Култура

Играниот филм „Сестри“ на филмскиот фестивал во Карлови Вари

Играниот филм „Сестри“ на филмскиот фестивал во Карлови Вари

Филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума, а во продукција на Лист Продукција – Скопје, својата светска премиера ќе ја има на престижниот фестивал во Карлови Вари, кој годинава ќе се одржи од 20 до 28 Август во Карлови Вари, Република Чешка. Филмот учествува во компетицијата East of the West (Источно од Западот), која е дел од официјалната програма. Оваа селекеција е наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот Исток и Северна Африка.

„Сестри“ е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.

Филмскиот фестивал во Карлови Вари е најголемиот фестивал во Република Чешка и најпрестижен во Централна и Источна Европа. Тој е еден од најстарите филмски фестивали од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Локарно, Сан Себастијан.

Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а дизајнот на звук на Ристо Алчинов.

„Сестри” е поддржан од Агенцијата за филм и е регионална копродукција помеѓу Северна Македонија, Црна Гора и Косово.

Текстот Играниот филм „Сестри“ на филмскиот фестивал во Карлови Вари е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“