Грција го замрзнува ратификувањето на меморандуми за соработка со Северна Македонија поради објава на премиерот Зоран Заев на „Твитер“ за фудбалската репрезентација, во која не го користи уставното име на државата, пишува грчкиот весник „Катимерини“.
Во спорниот „твит“ кој ја налути грчката влада, премиерот Заев во понеделникот напиша дека фудбалскиот натпревар го следи заедно со холандскиот премиер и дека без оглед на резултатот, дава поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“.
Според официјална Атина, ова претстава непочитување на договорот од Преспа бидејќи Заев не го употребил уставното име на државата – Северна Македонија.
„Катимерини“ пишува дека станува збор за три меморандуми кои парламентот требало да ги ратификува идниот месец, но дека сега процесот ќе биде одложен, најверојатно, за септември, а можеби и за подоцна.
Повикувајќи се на владини извори, весникот објави дека грчката влада не може да „замижи пред двојната игра на соседите“, потенцирајќи дека „изминатиов период имало неколку инциденти поврзани со Договорот“.
„Бараме целосна имплементација на договорот од Преспа и неговиот дух и го повикуваме господинот Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено во чувствително прашање како што е фудбалот“, рече владината портпаролка Аристотелија Пелони.