Утрински Весник
Македонија

Хелсиншкиот комитет: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Хелсиншкиот комитет: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Пандемијата само ги интензивираше и ги исфрли на површина проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост, нивните родители и лицата што се грижат за нив, а државата сѐ уште заостанува во исполнување на обврските од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, покажува анализата на Хелсиншкиот комитет за човекови права, која е посветена на ефектите, кои пандемијата ги имаше врз лицата со попреченост во земјата, а е изработена со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Од Хелсиншки појаснуваат дека истражувањето е спроведено преку преглед на документи, прашалници до институции и организации и анкета во која учествуваа 219 испитаници, кои се лица со попреченост или лица кои се грижат за лица со попреченост.

Дамир Незири, претставник во земјата на Фондација за демократија на Вестминстер, посочи дека клучниот елемент од оваа анализа се препораките и обидот да се извлечат заклучоци за тоа како институциите можат да ги поддржат и да се грижат за овие граѓани во периодот кој следи, но и во однос на долгорочните ефекти по кризата.

Исто така, се утврдило дека мерките за спречување на ширењето на Ковид-19 и за намалување на ефектите врз граѓаните, речиси и да не ги земале предвид лицата со попреченост. Па така, овие граѓани се соочиле со предизвици до пристапот до права и услуги, здравствена заштита, социјални услуги, движење, финансии, работни односи и образование.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска нагласи дека уште на почетокот на пандемијата беше јасно дека најмаргинализираните ќе ги трпат најстрашните ефекти.

„ Институциите, а особено здравствените, беа ставени во служба на борба против пандемијата. Од тие причини, токму луѓето со попреченост се соочуваа со неможност да дојдат до оние здравствени услуги коишто им се потребни, како рехабилитација, која што отсуствуваше, неможност да пристапат кон пунктовите за тестирање, отежнатост на децата со попреченост да ја следат наставата и зголемени финансиски трошоци за лекови и други помагала за да можат да опстанат во време на пандемија“ изјави Пировска.

Многу од испитаниците се соочиле со влошување на работната ситуација, преку откази, намалени примања, намалени работни часови и отсуства од работа. Во образовниот процес предизвик била пристапноста на наставата за различните видови попречености и немањето техничка опрема и соодветна поддршка.

Хелсиншкиот комитет нагласува дека оваа криза го продлабочува постоечкиот јаз и дискриминацијата со која се соочуваат лицата со попреченост. За да се намали штетата од пандемијата, според комитетот, треба итно да се делува.

Во претстојниот период е клучно институциите да се фокусираат на обезбедување мерки кои ќе ги намалат негативните ефекти од КОВИД кризата врз оваа група граѓани и да ги вклучат лицата со попреченост и нивните претставнички организации во процесите на донесување одлуки за политиките и програмите, посочува Хелсиншки комитет.

Можете да прочитате

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм

Ратите за новите автобуси ќе се отплаќаат од 2028 година, најавува премиерот Мицкоски