Утрински Весник
Свет

Мас: Иднината на сите шест земји од Западен Балкан е во ЕУ

Германија изрази солидарност со Израел и повика на прекин на огнот

Сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина не само што ќе ја зголеми регионалната стабилност, туку ќе ги отвори и изгледите на „две земји“ за членство во ЕУ, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ја пренесе пораката на официјален Берлин отворајќи ја конференцијата на министри за надворешни работи кои учествуваат на „Берлинскиот процес“ одржан под германско претседателство.

Мас рече дека Берлин безусловно ги поддржува напорите на високиот претставник на ЕУ Жосеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак во реализацијата на таа задача.

„Сите нации во Европа имаат историски товар, но историјата не смее да биде пречка во создавањето на заедничка иднина“, нагласи тој.
Тој посочи дека процесот на проширување мора да биде рестартиран.

„Иднината на сите шест земји од Западен Балкан е во ЕУ. Германија е сè уште целосно посветена на таа цел“, истакна Мас, додавајќи дека кога земјите од регионот ќе покажат резултати, ЕУ мора да го стори својот дел, пренесуваат медиумите во регионот.

„Кога тие ќе го дадат своето, ние треба да го дадеме нашето – тоа мора да биде нашиот пристап кон проширувањето на ЕУ во иднина“, нагласи Мас.

Тој посочи дека земјите од регионот треба да го зајакнат владеењето на правото, да се борат против корупцијата и организираниот криминал, да работат на заштита на слободата на медиумите и да создадат простор во кој може да се развива демократијата.

„Ваквите реформи ќе придонесат за привлекување поголеми странски инвестиции, ќе создадат изгледи за младите и ќе го запрат одливот на квалификувана работна сила од регионот“, објасни тој. Мас рече дека, од друга страна, ЕУ мора да застане зад своите ветувања.

Во таа насока, како што пренесуваат агенциите, тој ги споменал Северна Македонија и Албанија, наведувајќи дека тие земји постигнале одржлив напредок во судските реформи и борбата против корупцијата и организираниот криминал и дека Скопје постигна историски договор во Преспа со Атина.

„Затоа, преговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија ќе започнат сега“, рече тој.

Мас рече дека е познато дека внатрешната политика може да го ограничи просторот за надворешна политика, како и дека има незгодни прашања од минатото и идентитетот, но, додаде тој, ваквите билатерални прашања не треба да го попречуваат целиот процес на пристапување.

Тој исто така рече дека ЕУ треба конечно да го исполни својот дел од прашањето за визната либерализација со Косово.

Говорејќи за Босна и Херцеговина, тој рече дека повеќе од 25 години по Дејтон има загрижувачки ќор-сокак и агресивна реторика, и тој се осврна на денешната пресуда за Ратко Младиќ.

„Ова судење нè потсетува на ужасните војни во 90-тите години со геноцид, масовни убиства и етничко чистење. Тие ужасни спомени треба да не доведат до заклучок дека иднината на Западен Балкан е во мир и демократија“, нагласи тој.

„Пандемијата покажа дека повеќето предизвици со кои се соочуваме не стојат на границата на една земја. „За просперитетен и мирен Западен Балкан се потребни земјите од регионот кои меѓусебно си нудат рака на соработка, со прагматизам и храброст, со реален поглед и амбиции“, истакна Мас, додавајќи дека изборот на патот е во регионот, и дека Германија ќе обезбеди поддршка, објавија агенциите од регионот.

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња