Утрински Весник
Свет

Германски научници: Ја решивме мистеријата за згрутчување на крвта по вакцинација со „Астразенека“ и „Џонсон и Џонсон“

Германски научници: Ја решивме мистеријата за згрутчување на крвта по вакцинација со „Астразенека“ и „Џонсон и Џонсон“

Германски научници објавија дека најверојатно ја пронашле причината за ретки, но сериозни згрутчувања на крвта по вакцинирањето со „Астразенека“ и „Џонсон и Џонсон“.

Научниците, во студијата што сè уште не е разгледана од други експерти, велат дека вакцините кои користат аденовирусни вектори испраќаат т.н. шилести протеини до клеточното јадро, каде што некои од упатствата за создавање протеини на коронавирус може погрешно да се протолкуваат. Добиените протеини можат да предизвикаат згрутчување на крвта кај мал број пациенти, сугерираат германските научници.

Научниците од Универзитетот Гете во Франкфурт и на други места објасниле во својот труд дека вакцините со употреба на различна технологија, позната како гласничка РНК (mRNA), како онаа развиена од „Бионтек“ со партнерот „Фајзер“, како и „Модерна“, доставуваат генетски материјал на шилестиот протеин само во клеточната течност, а не во клеточното јадро.

„Сите вакцини базирани на mRNA треба да бидат безбедни производи“, се вели во студијата.

Научниците и американските и европските медицински регулатори се обидуваат да откријат што предизвикува ретки, но потенцијално смртоносни згрутчувања на крвта придружени со ниски тромбоцити, поради што некои држави ја запреа или ја ограничија употребата на вакцините на „Астразенека“ и „Џонсон и Џонсон“.

„Ние го поддржуваме тековното истражување и проучување на оваа ретка појава додека соработуваме со медицински професионалци и глобални здравствени власти. Со нетрпение очекуваме да ги разгледаме и споделиме податоците веднаш штом ќе бидат достапни”, соопштија од „Џонсон и Џонсон“.

„Астразенека“ одби да го коментира германското истражување.

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња