Утрински Весник
Македонија

(Видео) Костадинова Стојчевска: СДСМ со конкретни мерки за зачувување на македонскиот јазик

(Видео) Костадинова Стојчевска: СДСМ со конкретни мерки за зачувување на македонскиот јазик

На Денот на сесловенските браќа, просветителите Свети Кирил и Методиј, пратеничката од СДСМ Бисера Костадинова Стојчевска потсети на афирмацијата на македонскиот јазик како темел на македонскиот иденитет.

„Македонскиот јазик денеска е признат во целиот свет, потврден во личната карта на нашата татковина во Обединетите нации. Пред 2 години, токму Владата предводена од СДСМ, 5 мај го прогласи за Ден на македонскиот јазик. Во чест на 5 мај 1945 година кога е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Годинава, токму на 5 мај беше промовиран и дигитален толковен речник на македонскиот јазик со над 100 илјади зборови. Јазичното богатство е уште едно сведоштво за различноста и посебноста на македонскиот јазик во словенскиот свет, и за неговата автентичност во светската листа јазици“, истакна пратеничката од СДСМ.

Костадинова Стојчевска потсети дека е донесен и нов Закон за употреба на македонскиот јазик, кој опфаќа негова заштита, унапредување и збогатување.

„Владата усвои мерки за унапредување на состојбата со македонскиот јазик кои предвидуваат афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети, како и Фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик. Ја продолжуваме и поддршката на голем број книжевни дела од издавачката дејност на Институтот за македонски јазик, како придонес за збогатувањето и унапредувањето на македонскиот јазик. Оваа 2021 е година во знакот на 100-годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески, како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик. Токму во чест на Џинот од Небрегово, ова одбележување е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО“, рече таа.

Според неа, станавме членка на НАТО како Македонци кои говорат македонски јазик и само со загарантиран македонски иденитет и македонски јазик како што рече, може да станеме и членка на Европската Унија.

Можете да прочитате

Влада: Оддаваме почит на сите невини жртви од геноцидот во Сребреница 

Нормализиран сообраќајот за камиони кон „Блаце”, на „Табановце“ се чека околу 30 минути

Повторно одложено судското рочиште за случајот Веапоска на кое требаше да биде презентиран извештајот од супервештачењето