Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Лидерството бара храброст, носење одлуки, но и преземање одговорност

Пендаровски: Лидерството бара храброст, носење одлуки, но и преземање одговорност

Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на дебата на тема „Лидерство во политиката, бизнисот и спортот: дали има заеднички именител?“, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование и со поддршка од партнерската фондација „МК2025“.

Говорејќи за предизвиците од пандемијата на Ковид-19, Пендаровски потсети на периодот кога бевме единствена држава во Европа со распуштено Собрание и претседателскиот Кабинет беше единствена функционална институција. Во тие моменти, посочи, мора да се разговара со многу луѓе и да се донесе одлука.

„Брзоплетоста е круцијална грешка. Мора да разговараш со многу луѓе, да имаш храброст за носење одлука и преземање одговорност. Треба да се слушаат оние, коишто со аргументи најмногу те критикуваат“, рече претседателот Пендаровски, нагласувајќи дека од овој период има лекции кои мора да се научат. Во рамките на Претседателскиот центар за политичко образование направени се и неколку иницијативи за надминување на одредени проблеми во функционирање на системот.

„Ние имаме одлични закони во многу сфери, но слаба примена. Не е лидер човекот кој се води исклучиво од рејтинзите. Политичар кој се раководи од анкетите не е лидер. Со нетрпение го чекам денот кога младите нема да се грижат за тоа која политичка партија е на власт, или кој е Претседател на државата. Денот, кога системот едноставно беспрекорно ќе функционира, без разлика кој е на власт“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот посочи дека ги почитува лидерите за коишто зборуваат нивните дела, а не самите тие. На младите им порача своите одлуки да ги носат сами, и да не потпаѓаат под влијанието на скапо платените политички пропаганди.

Денешната дебата е дел од обуката за лидерство, бизнис и претприемништво насловена „Проект ЛИДЕР“, која „МК2025“ ја организира во соработка со школата „Ivey Business School“ од Канада, на годишно ниво.

Можете да прочитате

Раст на инвестициите: Македонско-Бугарската Комора повика на поблиска соработка

Искршен штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода

Се одржа Годишно Собрание на Македонско-Бугарската стопанска комора