Утрински Весник
Економија

„Фич“: Македонската економија е стабилна и со ниска инфлација

„Фич“: Македонската економија е стабилна и со ниска инфлација

Македонската економија се карактеризира со ниска инфлација и финансиска стабилност како резултат на водењето кредибилна финансиска и макроекономска политика, конзистентни со стратегијата на стабилен курс на денарот во однос на еврото. Денарот е стабилен и на долг рок нема фактори коишто би влијаеле на нарушување на неговата стабилност. Банкарскиот сектор има силна основа и покажа отпорност во пролонгирани периоди на политичка несигурност и во текот на значајни економски шокови, вклучително и во текот на пандемијата на коронавирусот. Со намалувањето на основната каматна стапка, Народната банка обезбеди ликвидност којашто овозможи поголема кредитна поддршка за економијата. Се очекува монетарната политика да остане олабавена и во текот на следната година.

Ова се дел од оценките и заклучоците во најновиот извештај на рејтинг-агенцијата „Фич“ за нашата земја, во кој е направена кредитна анализа.

Во однос на домашната валута, во извештајот на „Фич“ се нагласува дека де факто фиксната врзаност на денарот со еврото е добро поставена и дека одговорот на Народната банка во изминатиот период од отпочнувањето на корона-кризата е во согласност со политиката на избегнување девизни притисоци.

Во Извештајот одделно е нагласена значајноста на монетарното олабавување од март минатата година наваму, заради засилената кредитна поддршка за реалниот сектор. Истовремено, се оценува дека инфлациските притисоци остануваат умерени, имајќи ја предвид и стапката од 2,1% на годишно ниво во март. „Очекуваме монетарната политика да остане олабавена во текот на 2021-2022 година, со оглед на политиката на Европската централна банка“, напоменуваат од „Фич“.

Во Извештајот е нагласено и дека во изминатиот период, банкарскиот сектор не доживеа притисок врз ликвидноста, кредитната активност продолжи, а фундаментите останаа силни.

Системот е соодветно капитализиран и профитабилен, сметаат од „Фич“. Истовремено, нагласуваат дека нефункционалните кредити се намалија на 3,4% на крајот на 2020 година, во споредба со крајот на 2019 година, кога тие беа на ниво од 4,6%.

Можете да прочитате

Левица: Власта со увоз на евтина работна сила ја блокира борбата за повисока минимална плата

Речиси целосно искористени средствата од унгарскиот кредит наменети за поддршка на домашните компании, премиерот задоволен од инвестицискиот раст

Митреска: Монетарната политика на Народната банка ја поддржува ценовната стабилност во економијата