Утрински Весник
Култура

Почина актерот Кирил Псалтиров

Почина актерот Кирил Псалтиров

Македонскиот народен театар со големо жалење се збогува со Кирил Псалтиров, доајенот на македонскиот театар.

Актерот Кирил Псалтиров дипломира на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од првата генерација на дипломирани актери. Целиот работен век од 1974 година до пензионирањето го поминува во МНТ.

Псалтиров беше неразделен дел од театарот и секогаш дел од нас ќе биде неговата посветеност кон театарот и големиот број на оддиграни улоги. Првата улога во МНТ ја има во претставата „Јунона и Паунот“ (1971), а последна улога му е онаа на Љупче во „Писание“ (2002). Во аналите на МНТ ќе остане запомнет како Тевје во „Свирач на покрив“ (1983), но и по улогите на Освалд во „Крал Лир“ (1972), Оберлајтнант фон Балочански во „Господа Глембаеви“, Крам во „Бертолт Брехт пред комитетот за антиамериканска дејност“ (1977), Д-р Нинковиќ во „Сомнително лице“ (1977 и 1983), Феѓка во „Бесови“ (1978), Ампо во „Чорбаџи Теодос“ (1978), Завиша во „Војна и мир во Груда“ (1981), Попот во „Макавејски празници“ (1983), Боб Мојра во „Бог“ (1984), Солин во „Забуни“ (1989), Кралот Едвард во „Ричард трети“ (1990), Кардиналот Донателов во „Еригон“ и други.

Псалтиров ќе остане запомнет и препознатлив и по филмските и телевизиски улоги меѓу кои „Пред дождот“, „Најдолгиот пат“, „Време води“, „Пресуда“, „Мисија Лондон“, но и „Волшебното самарче“, „Во светот на бајките“, „Тврдокорни“ и „Македонски народни приказни“.
Засекогаш ќе остане дел од МНТ.

Поради мерките за Ковид пандемијата, комеморацијата за актерот Кирил Псалтиров нема да може да се одржи.

Текстот Почина актерот Кирил Псалтиров е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“