Утрински Весник
Свет

Зеленски предложи да се сретне со Путин – во Ватикан

Зеленски предложи да се сретне со Путин – во Ватикан

Ватикан може да биде идеално место за мировен дијалог за Донбас, изјави денеска украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

„Таквиот авторитетен посредник ќе внесе доверба што досега недостигаше во нашите обиди да постигнеме договор“, рече Зеленски за италијанскиот весник „Република“.

Тој додаде дека состанокот сигурно ќе се одржи и дека е потребно да се запре војната во Донбас и да се постигне договор за траен и праведен мир.

„Јасно е дека веќе долго време нема вистинска директна комуникација меѓу Украина и Русија. Тоа секако не придонесува за заемна доверба. Ми се чини дека за почеток состанокот може да се одржи на место што персонифицира мир и дијалог“, рече украинскиот лидер, пренесува агенцијата „Анса“.

„Светата столица е морален авторитет на глобално ниво, кој отсекогаш играл ефикасна улога како посредник бидејќи е непристрасна и сигурна за сите страни во конфликтот“, рече Зеленски.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, видно изненаден, одговори дека, колку што знае, ни Ватикан не знае ништо, а ни Москва не добила никаква официјална покана или информација за тоа. Песков повтори дека Путин со задоволство ќе му биде домаќин на Зеленски во Москва.

Зеленски претходно понуди состанок во Донбас, што Путин исто така го одби.

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година