Утрински Весник
Свет

(Видео) Шефот на американската НРА убил слон од задоволство

(Видео) Шефот на американската НРА убил слон од задоволство

Неодамна на интернет се појави видео од Вејн Лапјер, водачот на американската НРА (National Rifle Association), влијателно здружение кое се залага за правото на поседување на оружје, на кое се гледа како убива слон во Боцвана.

Видеото, снимено во 2013 година, за прв пат го објави „Њујоркер“ пред два дена, а на него се гледа како човекот стрела во слон од непосредна близина. Но, дури и со истрели од непосредна близина Лапјер не успева да го усмрти слонот, па друг ловец го прави тоа со последниот, фатален истрел.

Снимката предизвика негодување и револт кај здруженијата за заштита на животните.

Би-би-си наведува дека во 2013 година ловот на слонови во Боцвана не бил незаконски, но оттогаш се воведени нови ограничувања. Минатата година, Меѓународната унија за зачувување на загрозени видови го стави на списокот на загрозени видови, видот на слон кој го застрела Лапјер.

Ингрид Њукирк, претседателка на здружението ПЕТА, група за заштита на животните, ги осуди снимките и го повика Конгресот на САД да ги прекине сите врски со НРА.

„Во позадина на мачо-позите на луѓето од НРА се кријат исплашени мали луѓе кои плаќаат десетици илјади долари за некој друг да пронајде животно што потоа треба несмасно да го убијат од непосредна близина“, рече Њукирк.

Но, НРА застана до својот водач.

„Снимката покажува нешто што е целосно дозволено и спроведено во согласност со сите правила и прописи“, рече портпаролот на НРА, Ендрју Аруланандам, додавајќи дека ваквиот лов придонесува за локалната заедница и животната средина.

Можете да прочитате

Иран ќе гради ѕид на границата со Авганистан

Паѓаат цените на недвижностите во Германија, растат на кириите

Лавров директно му се обрати на Киев: Се надевам дека оваа порака ќе биде разбрана