Библиотеки, училишта, зоолошки градини и некои продавници се отвораат во Чешка во понеделник по повеќемесечна блокада во земја која е меѓу најпогодените од коронавирусот во светот.
Вонредната состојба во траење од шест месеци истече на полноќ, со што се укинаа полицискиот час и забраните за патување меѓу регионите.
Децата во предучилишните установи и до петто одделени се враќаат на училиште, а ќе мора да прават брис од нос двапати неделно.
Министерството за здравство пријави 976 нови случаи во неделата, што е најмал дневен број од септември минатата година.
Седумдневниот просек падна на под четири илјади, но сепак е висок во споредба со повеќето европски земји. Сепак, забележливо е значително подобрување во споредба со 12.000 дневни случаи во просек во март кога беа воведени најстрогите мерки.
Во октомври минатата година, владата затвори кафулиња, ресторани и сите неесенцијални продавници. Тие се отворија накратко во декември, но наскоро повторно се затворија.
Чешка, која има 10,7 милиони жители, објави 1,58 милиони случаи на инфекција со коронавирус и скоро 28 000 смртни случаи, што е највисока стапка по глава на жител во светот.
До 11 април се дадени 2.089.570 дози вакцини во оваа земја.