Утрински Весник
Свет

Турција го замрзна договорот за хеликоптери со Италија по обвинувањето за диктатура

Турција го замрзна договорот за хеликоптери со Италија по обвинувањето за диктатура

Турција замрзна профитабилен договор за купување хеликоптери од Италија, вреден 70 милиони евра, откако минатиот четврток италијанскиот премиер Марио Драги го нарече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган диктатор, пренесуаат италијанските медиуми.

За време на посетата на највисоките претставници на ЕУ во турската престолнина Анкара минатата недела, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и Ердоган седнаа во позлатени столови, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остана збунета и немаше стол, па  беше седната на троседот покрај нив, спроти турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Распоредот на седење беше остро критикуван од меѓународната заедница како мизоген, а вината беше префрлена на Турција како домаќин.

Иако Турција подоцна објасни дека Мишел и тимот на ЕУ се тие што ги подготвиле аранжманите за седење и им ги дале на турските власти пред посетата – што некои го толкуваат како игра на моќ меѓу европските лидери – италијанскиот премиер Драги на прес-конференција изјави жалење за понижувањето на Фон дер Лајен и го обвини Ердоган дека е диктатор и дека несоодветно се однесува.

По овие обвинувања, Чавушоглу ја осуди неприфатливата популистичка реторика на Драги и неговите грди изјави за турскиот претседател, при што турската влада му вложи протестна нота на италијанскиот амбасадор и побара извинување од Рим.

Сепак, одговор од италијанската влада нема, што ја поттикна Турција да го замрзне значајниот договор за набавка на хеликоптери за обука од Италија, што требаше да биде потпишан оваа недела, пишуваат „Ла Република“ и „Ил фато куотидиано“.

Освен тоа, турската влада, наводно, издала предупредување до голем број италијански компании кои работат во Турција, како што е енергетската компанија „Ансалдо енергија“, која гради електрани во земјата.

Овој скорешен спор меѓу Анкара и Рим доаѓа во време кога двете земји ја зголемија политичката и економската соработка во регионот во изминатите неколку години, што се покажа со објавата во февруари дека од Италија во Турција влегле речиси милијарда американски долари директни инвестиции минатата година.

Можете да прочитате

Троjцата Американци ослободени во размената на затвореници со Кина се вратија дома 

Грузиската полиција со водени топови против демонстрантите кои протестираат против владината одлука да го одложи барањето за пристапување во ЕУ

11 кинески и руски воени авиони влегоа во зоната за воздушна одбрана на Јужна Кореја