Утрински Весник
Македонија

Улици, плоштади и мостови во Скопје ќе добијат нови имиња, објавена листата со промените

Улици, плоштади и мостови во Скопје ќе добијат нови имиња, објавена листата со промените

Од Град Скопје информираат дека на претстојната седница на Советот ќе се расправа за имињата на 485 улици во градот.

„Најголем дел од овие улици досега биле именувани со број или биле именувани како краци на други поголеми улици. По усвојувањето на оваа одлука од Советот, овие улици ќе добијат нови имиња“, се наведува во соопштението.

Градските власти посочуваат дека со оваа одлука ќе бидат вратени и дел од старите имиња на улиците кои беа променити во текот на 2012 година.

„Тоа беше спротивно од волјата на граѓаните кои живеат на тие улици, па затоа ќе се вратат имиња на улиците Ленинова, Железничка, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 4 Јули, 29 Ноември, Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други“, се наведува во соопштението.

Новите имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје согласно со Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, предвидено е да се црпат од Регистарот на имиња кој неодамна беше дополнет од Советот на Град Скопје со листа од нови 570 имиња, по претходно добиената согласност од Владата.

„Мостот Тодор Александров (популарно наречен мост Близнак) ќе биде преименуван во Мост Накие Бајрам и Роса Плавева, мостот Слобода (кај Холидеј Ин) ќе се вика мост Вера Ацева, а новиот мост на бул. АСНОМ ќе се вика Генерал Михајло Апостолски.

Улицата пред Градскиот стадион ќе се вика Столтенбергова според угледниот норвешки дипломат и висок функционер на Обединетите нации, Торвалд Столтенберг кој даде голем придонес во обновата на градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Булеварот ВМРО ќе добие ново име и ќе се вика Блаже Конески, улицата Стив Наумов (поранешна Ленинградска) ќе се вика Славко Јаневски, улицата Адолф Циборовски ќе се вика Горан Стефановски, а улицата 1523 во Кисела Вода ќе се вика Благоја Георгиевски – Буштур. Пешачкиот мост кај зградата на Владата ќе го добие името по неодамна починатиот заменик-градоначалник на Скопје, Енвер Малиќи“, се наведува во соопштението на Град Скопје во кое се додава дека при изборот на нови имиња кои ќе бидат содржани во предлогот на градоначалникот Шилегов до Советот, земени се предвид етничките, културни и социјални специфики на локалното население кое живее на тие улици.

„Согласно ваквите заложби, новиот булевар кој е предвидено да биде изграден од Скопската обиколница до булеварот Словенија, а поминува низ Визбегово, ќе се вика Хасан Приштина. Во таа насока во редот на новите имиња на улици ќе се најдат и Беким Фехмиу, Ибрахим Ругова, Адем Демачи и Мајка Тереза“, стои во соопштението во кое е наведена и целосната листа за промена на улици во Скопје.

Можете да прочитате

Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја

Ахмети од Швајцарија: Без Албанците, Северна Македонија нема иднина

Филипче: Заев и Ковачевски ја жртвуваа политичката кариера за денес да бидеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ