Агенцијата за филм во насока на транспарентност на средствата реализирани од годишниот буџет, почнувајќи од 2019 година издава публикација наречена „Факти и бројки“.
Во публикацијата „Факти и бројки 2020“ детално се впишани средствата со кои се финансирале филмски и други проекти од национален интерес, финансирани по конкурси објавени од страна на Агенцијата за филм, реализирани средства за активности за развој на филмската дејност и меѓународната промоција на македонското творештво.
„Вкупниот буџет на Агенцијата за филм за 2020 изнесува 161.869.732 денари од кои 10% отпаѓаат на плати, надоместоци, даноци и за останати оперативни расходи за одржување на институцијата, а 90 % се наменети за македонскиот филм.За проектите за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм (национални филмови и мнозински ко-продукции, малцински ко-продукции) потрошени се 112.578.215 денари“, се наведува во соопштението на Агенцијата.
Од таму додаваат и дека за други проекти од национален интерес: членарини во меѓународни организации, меѓународна промоција на македонското творештво и унапредување на филмската дејност потрошени се 27.120.504 денари.
„Агенцијата за филм и понатаму ќе остане транспарентна пред јавноста, а ‘Факти и бројки’ ќе остане практика и во иднина”, изјави директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски.
Публикацијата е објавена на веб-страницата на Агенцијата и можете да ја најдете на следниот линк.
Текстот Агенцијата за филм со отчет за средствата потрошени во текот на минатата година е превземен од МАКФАКС.